Кина: Револт поради фрлање свиња од 68 метри заради банџи-атракција – ММС
ММС

Објавено на: 01/20/20 11:27 AM

Кина: Револт поради фрлање свиња од 68 метри заради банџи-атракција

Кинески тематски парк предизвика лавина од бес на социјалните мрежи откако принуди свиња на банџи скок од кула висока 68 метри.

Видеото покажува како свињата заврзана со јаже, двајца мажи ја носат до врвот на кулата и потоа ја туркаат.

Од тематскиот парк лоциран во Чонгкинг, рекоа дека перформансот бил за да се отвори новата банџи атракција.

Локалните медиуми известија дека свињата отпосле била однесена во кланица.

Трикот со свињата предизвика лавина од бес на социјалните мрежи и се покрена прашањето за животинските права.

Тематскиот парк објави соопштение во кое кажува дека ги прифаќа критиките кои беа упатени кон нив.

„Искрено ги прифаќаме критиките и советите. Се извинуваме на јавноста и ветуваме дека ќе го подобриме нашиот маркетинг во врска со туристичките атракции и ќе понудиме подобра услуга за туристите“, беше напишано во соопштението.

Јавниот настан, насловен како „банџи скок на златната свиња“, беше одржан за да се прослави отварањето на новата атракција во тематскиот парк.

Свињата, според локалните медиуми, тежела 75 килограми и не е прикажано што се случило со неа отпосле, иако се шпекулира дека била однесена во кланица.

Суровоста кон животните не е казнива во Кина, но во последните години се подига свесноста за овој проблем.

Иако многумина го оправдуваа инцидентот, нарекувајќи го ништо поразлично од убивање свиња за јадење, најголем дел од луѓето ја осудија ваквата постапка.
„Убивањето животни за јадење и суровото третирање за забава се две различни нешта. Нема потреба да се врши ваква тортура“, беше еден од коментарите на социјалните мрежи.

Организацијата за заштита на животните, „Пета“, го осуди инцидентот и го нарече најлош случај на  суровост кон животните.

„Животните чувствуваат болка и страв исто како и ние луѓето. Ова е одвратен ПР трик и треба да биде нелегален“, рече Џејсон Бејкер од „Пета“, за ББЦ.