Комората на сметководители бара да се забранат фискалните сметки поради присуство на штетни материи – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/20 11:18 AM

Комората на сметководители бара да се забранат фискалните сметки поради присуство на штетни материи

Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори бара од надлежните институции итно да расправаат за забраната за употреба на хемиската материја „бисфенол А” или БПА која ја има во хартијата на која се печатат фискалните сметки.

– Оваа штетна хемикалија е утврдена како предизвикувач на сериозни здравствени проблеми како срцеви заболувања, дијабетис, неплодност, рак на дојка и простата, хормонски и ендокринолошки заболувања, а претставува и голем ризик за здравјето на децата. Бисфенолот А е една од најкомерцијално достапните хемикалии што се користат во производството на термичка хартија како развивач на бои. Согласно истражувањата, концентрацијата на бисфенол А во фискалните сметки е до 40 пати поголема од дозволената и се движела од 0,62 до 0,91 отсто, а според стандардите дозволено е само 0,02 отсто, велат од ССК.

Препораката на Комората на сметковидители е во најкраток рок по примерот на ЕУ да се забрани употребата на оваа хемиска материја и да им се даде рок за државните институции, приватниот сектор и трговските објекти да ги заменат артиклите кои содржат штетни материи со нови кои не содржат вакви материи.

– Како пример, во ЕУ дозволен е  таканаречениот преоден рок од шест месеци, производителите и дистрибутерите да се прилагодат или да започнат да  користат термичка хартија на пазарот која не ја содржи оваа хемикалија, вели претседателот на Комората на сметководители Драган Митковски.

Забраната за употреба на оваа материја во Европската унија стапи на сила од 1 јануари и засега таа подразбира само нејзино исклучување од термичката хартија, односно дека не смее да биде повеќе од 0,02 проценти. Во соседна Србија забраната ќе почне да се применува од јули годинава.

Минатата година, Швајцарија стана првата земја во Европа што забрани Бисфенол С (БПС) и Бисфенол А (БПА) да се користат во термичка хартија, откако Федералниот совет гласаше за нивната забрана. Одлуката била одобрена на 7 април, а влегла во сила на 1 јуни 2019.

Дискусиите за БПА започнаа во 2011 година, откако Данската агенција за заштита на животната средина објави дека до 80 проценти од сметките на касата во Coop Danmark биле направени од термичка хартија. Веднаш потоа CoopDanmark ги отфрли 12-те групи на супстанции и хемикалии од сопствени производи до крајот на 2017 година, меѓу кои и Бисфенол А.

Препораките на здравствените организации се веднаш по контакт со фискални сметки да се мијат рацете, да не се ставаат сметките во кесите со храна, да не се дозволува децата да доаѓаат во контакт со фискални сметки, а доколку на работно место редовно сте во контакт со фискални сметки да се носат ракавици.

МИА