Граѓаните веќе нема да мораат да шетаат од шалтер на шалтер за да завршат работа. Со само еден клик ќе можат да извадат лични карти, возачки дозволи, да пријават неважечки документи. Ќе можат да извадат различни потврди за социјални услуги, да регистрираат ново возило, да поднесат барања за даночни ослободувања и разни потврди потребни за нивните здравствени услуги.
Со дигитализацијата на јавната администрација, процесот на добивање информации за јавните услуги и самото користење на електронските услуги од надлежните органи значително се поедноставува, забрзува и се поевтинува.
По електронскиот централен регистaр и платформата за достава на електронски услуги, националниот портал за електронски услуги е последниот елемент за овозможување целосна дигитализација на јавниот сектор, вели министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски.
Моментално има достапни 127 електронски услуги, а овој број според него, следната година постојано ќе се зголемува.
„Она за што интензивно работиме со Mинистерството за труд и социјална политика со директно вклучување на општините, пример може да биде електронскиот упис на дете во градинка. Граѓаните кои сакаат да го запишат своето дете во градинка ќе може да добијат онлајн информација каде има слободни места, да ја пратат пријавата и да добијат повратен одговор. Од следната година сакаме и уписите во училиштата да бидат електронски. Ова се само примери на неограничени можности и услуги без граѓаните да мора да одат на било кој шалтер“, изјави министерот Манчевски.
Градоначалникот Бочварски вели дека овие услуги ќе бидат од голема корист за граѓаните бидејќи општината е првиот контакт на граѓанинот со државата и институциите.
„Со дигитализацијата ќе придонесеме за олеснување на услугите а јас би рекол и олеснување на животот на граѓаните бидејќи со еден клик ќе може да решаваат проблеми, да плаќаат даноци и да решаваат свои потреби без притоа да прават прошетки од институција во институција“, рече градоначалникот.
На средбата денеска, со претставниците на локалната самоуправа и локалните институции се разговараше за тоа како тие можат да ги искористат централните ИТ системи за да даваат електронски услуги на граѓаните. Самите граѓани пак, да бидат запознати со тоа како можат да ги користат услугите и начинот на кој може да се регистрираат и да го користат својот електронски идентитет.