РПЦ: Со намерата да го реши македонското црковно прашање, Вартоломеј ја „удри во грб” СПЦ во Црна Гора – ММС
ММС

Објавено на: 01/16/20 12:11 PM

РПЦ: Со намерата да го реши македонското црковно прашање, Вартоломеј ја „удри во грб” СПЦ во Црна Гора

Цариградскиот патријарх, очигледно, решил да ги стави во функција политичките елити кои ја користат религија во свои игри, изјави претседателот на Синодалниот оддел за општество и медиуми на Московската патријаршија, Владимир Легојда,  коментирајќи ги најавите дека Вселенската Патријаршија планира да се вклучи во решавањето на „македонското црковно прашање”.

– Всушност, ова не е ништо друго него, туку удар во грбот на Српската православна црква (СПЦ), која веќе се соочува со прогон во Црна Гора, изјави Легојда.

Како што објави црногорскиот портал „Аналитика”, Легојда наведува дека Вселенската Патријаршија со тоа испраќа порака: „Сè уште немате томос? Ви излегуваме во пресрет”.

Државна делегација на Северна Македонија, предводена од премиерот Оливер Спасовски, во понеделникот имаше средба со патријархот Вартоломеј во Истанбул, по која Вселенската патријаршија, како што наведува „Аналитика”, соопшти дека во врска со македонското црковно прашање „биле изложени претходните фази на прашањето, вклучително и желбата на тамошната црква (МПЦ-ОА) да се врати во канонски статус, под името Охридска архиепископија, во согласност со поднесената жалба”.

Исто така, според порталот, „Македонците од вселенскиот патријарх добиле благослов за целото помесно свештенство и тамошниот народ”, при што тој најавил дека ќе покани претставници на српската и на македонската црква во Истанбул на понатамошни консултации за решавање на црковниот спор.

Разговорите за македонското прашање на делегацијата на Вселенската патријаршија и врвот на СПЦ, кои есеноска дискретно беа водени во Белград, не дадоа резултат, бидејќи СПЦ инсистираше на тоа дека „Македонија е нејзиното внатрешно прашање”, пренесува порталот.

„Аналитика” оценува дека со последната изјава, Вселенската патријаршија најавила дека прифаќа да го разгледува прашањето за еклитон (жалбата) на МПЦ-ОА, што со други зборови значи дека „го потврдува почетокот на негирање или ревизија на својот томос за СПЦ од 1922 година”.

Токму врз основа на овој томос, СПЦ полага право не само на епархиите во земјава, туку и во Црна Гора, како области од нејзината канонска територија. Дотогаш, Црна Гора имаше своја автокефална црква, основана во 1485 година, која неканонски била уништена во услови на „српската воена окупација”, потенцира црногорскиот портал.

МИА