Претседателот на Иран, Хасан Рохани, во телевизиско обраќање изјави дека уривањето на украинскиот патнички авион било „непростлива грешка“.
Рохани рекол дека се работи за „трагичен случај“ кој, како што истакна, детално ќе биде испитан.
„Иран ќе ги казни сите кои се одговорни за ненамерното уривање на украинскиот патнички авион“, порача Рохани.
Во меѓувреме, потпаролот на иранскиот суд, Есмаил, соопшти дека „некои личности“ веќе се уапсени поради нивната улога во уривање на авионот, необјавувајќи детали.
Уривањето на авионот, Рохани го нарече „непростлива грешка“, оценувајќи дека за несреќата не може да биде одговорна само една личност.
„Тоа што иранските вооружени сили ја признаа својата грешка е добар прв чекор. Треба да ги увериме луѓето дека тоа нема да се повтори“, рече Рохани.
Тој додаде дека неговата влада има одговорност кон Иранците и другите народи чии државјани загинаа во падот на авионот.
Авионот „Боинг 737“ на украинската компанија “Интернешнл аирлајнс“ беше урнат непосредно по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот.