Сопствениците на дуќани од 26 фирми на дуќани спроти Главната пошта во Велес денеска од 12:30 до 13:30 излегоа на мирен протест со блокирање на сообраќајот по главната улица „Алексо Демниевски”.
Тие се незадоволни од новото сообраќајно решение со поставување пластични столпчиња со забрана за паркирање на оваа главна сообраќајница која минува пред дуќаните, кое важи од 22 декември минатата година. Се жалат дека оттогаш им е отежнато работењето за дотур на стока и им е намален прометот и затоа бараат од Општина Велес и градоначалникот враќање на старото решение или да им се дозволи лента за паркирање и им се изгради паркинг.
Градоначалникот Аце Коцевски од име на Општина Велес, која го спроведе новото решение, денеска на прес-конференција упати апел до сопствениците на дуќани кои го органииззраат протест да се откажат од своите барања бидејќи, како што појасни, тоа е спротивно на законот. Тие три улици се категоризирани како магистрални-градски и на нив не е дозволено паркирање.Тој им порача дотурот на стока во зимскиот период да го вршат навечер, во периодот од 18 до 7:30 наутро или стоката да ја истовараат на блискиот паркинг, а оттаму да ја носат со колички до дуќаните. Најави дека наскоро на локацијата на сегашната кафана „Ингилиз” ќе се гради катна гаража. Потсети дека знакот забрана за паркирање на овие улици за кои сега има протести постои со години и констатира дека последниве години не се казнувало, иако таму имало знак забрана за паркирање.
Антонио Цилаков, еден од сопствениците на дуќани засегнати со новото сообраќајно решение, вклучен во протестот за медиумите изјави дека откако е воведено новото сообраќајно решение им е отежнато работењето и во многу им е намален прометот бидејќи нивните муштерии немаат каде да паркираат.
– Бараме враќање на старото решение и воведување ленти за паркирање. Ако тоа не е можно, нека се најде решение кое ќе користи на сите граѓани, потенцира Цилаков. Тој беше дециден дека ако постои забрана на оваа сообраќајница во градот треба да постои и на останатите сообраќајници. Потенцира дека законот треба да важи за сите подеднакво. Посочи дека организаторите на мирниот протест двапати барале средба со градоначалникот, но тој им одговорил само писмено. Најави дека ќе продолжат со протестите се до исполнување на нивното барање.


