Обвинувања за опструкции, непознавање на законите и за делување во функција на матичните партии, ги одбележуваат првите денови од работењето на ресорите каде има кадровски измени во техничката Влада, што беше избрана на 3. овој месец.
Дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вчера на прес-конференција изрази разочарување од, како што рече, опструкциите на нејзината работа во Министерството.
– Вчера бевме сведоци на еден немил настан каде од Кабинетот на министерката беше испратен допис до сите вработени, во кој се укажува дека на секое мое барање што ќе биде упатено до кој било раководител на сектор или државен советник нема да ми одговараат директно, односно одговорите прво ќе се праќаат до кабинетот на министерката, а подоцна до мене, рече Димитриеска Кочоска.
Таквите обвинувања министерката за финансии Нина Ангеловска ги искоментира со констатација дека не треба да си дополнителен заменик-министер во Министерството за финансии за да ја видиш секоја трансакција и каде оди секој денар. Тоа, како што рече, сега може да го гледа секој преку платформата „Отворени финансии”.
– Обидот, еден меил испратен од кабинет кој содржи процедура за работа, да се претстави како завера, не е ништо повеќе од обид за политичко поентирање, рече Ангеловска, изразувајќи надеж дека конструктувно ќе продолжи натамошната соработка со техничката дополнителна заменик-министерка и нејзините соработници.
Во преписките се вклучи и СДСМ, од каде пак, истакнаа дека тимот на Кочовска е составен од луѓе на поранешниот премиер кој е во бегство Никола Груевски, нагласувајќи дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е заглавен во режимската матрица.
-Наместо да работат во функција на спроведување на изборите кадрите на Мицкоски во преодната Влада опструираат и шират невистини, оценија од СДСМ.
Во Министерството за труд и социјална политика, еден од двата ресора кој доби министер на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повод за обвинувања и меѓусебни реакции беше објавата на министерката Рашела Мизрахи дека има нерешени барања за помош и нега од друго лице.
Мизрахи вчера информираше дека според податоците што ги добила од центрите за социјални работи во моментов има поднесени и нерешени 11.514 барања за надоместок за помош и нега од друго лице. Тоа, според неа, говори дека досега Владата и Министерството ги ставале под тепих проблемите на граѓаните.
Според заменик министерката за труд и социјална политика Санела Шкријељ, техничката министерка Мизрахи со тврдењето дека не се решаваат навремено барањата за право на додаток за помош и нега од друго лице и оти се пробиени сите законски рокови покажала оти не го знае Законот за социјална заштита.
-Загрижувачко е слабото ниво на познавање на законите на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи. Со денешната прес-конференција таа уште еднаш потврди дека воопшто не го прочитала новиот Закон за социјална заштита и начинот на којшто функционираат 15 комисии. Ако Мизрахи го прочита новиот Закон за социјална заштита, ќе дознае дека рокот за постапување за предметите за помош и нега од друго лице е 60 дена, а не еден месец како што тврди. Мизрахи во својата прес конференција се повикува на погрешен закон, а тоа е Законот за општа управна постапка. Како за појаснување, рокот е утврден во членот 282 од Законот за социјална заштита и тој е утврден на 60 дена, се вели во реакцијата на заменик-министерката Шкријељ.
Владата, додава таа во реакцијата, изгради децентрализирани Комисии за помош и нега од друго лице за разлика од едната централизирана Комисија која, како што вели, беше воспоставена во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и им наплаќаше 2.000 денари за поднесено барање.
Обвинувања заначинот на работа во изминатите денови имаше и во министерствата за внатрешни работи и за информатичко општетсво и амдинистрација. Новиот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев, во интервју за ТВ Алфа изнесе тврдења дека во Министерството се делеле незаконски решенија и оти постои наводна поврзаност на вработени во МВР со криминалните структури. Тоа беше отфрлено од владејачката СДСМ од каде истакнаа дека неговите тврдења се невистините и оти тој само за два дена од работењето потврдил дека е дел од режимската матрица.
Невенка Стаменковска Стојковски дополнителен заменик министер во МИОА, пак, обвини дека во последните два месеца од страна на овој ресор се вршела брутална партизација на институциите, што преку соопштение беше отфрлено и како што потенцираа, сите постапаки биле транспарентни и притоа се почитувале законските процедури а кандидатите биле вработувани исклучиво по усвоени годишни планови за вработување.
МИА