Тело на дете на десетгодишна возраст е пронајдено во трупот на авион кој пристигнал во Париз од Абиџан, јавија француски медиуми.
„Аир Франција“ ја потврди веста дека „безживотно тело на слеп патник“ било пронајдено на аеродромот во Париз, рано утринава.
Телото било пронајдено во просторот за тркалата на авионот.
„Авионската компанија го изразува своето жалење и ја осудува оваа човечка трагедија“, напиша „Аир Франција“ на твитер, не објавувајќи ја возраста на пронајденото тело.
Боингот тргнал од Абиџан, главниот град на Брегот на Слоновата Коска, во вторникот навечер.
„Покрај човечката трагедија, ова претставува и големо прекршување на безбедносните правила на аеродромот во Абиџан“, изјави извор за „АФП“.
Слепите патници во авионите ретко преживуваат бидејќи температурата во текот на летот, во подвозјето на авионот, паѓа до -60 степени, што доведува до хипотермија. Нивото на кислород драстично се намалува и се’ потешко е да се остане свесен.