Во декември 2019 година СВР Тетово бележи дека се санкционирани 1.689 лица. Вкупно биле контролирани 4.812 учесници во сообраќајот.
-Поради констатирани различни видови прекршоци, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила, од сообраќај биле исклучени 84 возила.Најмногу од исклучените возила (78) имале истечена регистрација до и над 30 дена, додека кај шест утврдена е техничка неисправност, претежно на сопирачките. Во декември лани, од сообраќај биле исклучени и 219 возачи, од кои 98 кои управувале без возачка дозвола, пет со несоодветна категорија, четири со важечка забрана, 64 возачи-почетници и 48 кои управувале под дејство на алкохол, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Откриените сообраќајни прекршоци минатиот месец заокружени се со 305 прекршочни и 156 мандатни плaтни налози, како и со 1.136 писмени опомени. Исто така, времено биле одземени 117 возачки и 62 сообраќајни дозволи.
МИА


