Знаеше ли за Диво Насеље и 27 април – прашање до Чулев од Стојанче Ангелов – ММС
ММС

Објавено на: 01/6/20 6:23 PM

Знаеше ли за Диво Насеље и 27 април – прашање до Чулев од Стојанче Ангелов

-Лично те знам од студентските денови до денес. Ти не си лош и нечесен човек, но не сум сигурен колку ќе се снајдеш во улогата која деновиве ти е доделена. Внимавај да не бидеш злоупотребен. УДБА, разузнавање, контраразузнавање, шпионажа, интелеџенс, немаат многу врска со МВР и полициската работа. Но „Гошинце“, „Диво Насеље“ и „27 април“ се настани кои никако не можеле или барем не смееле да поминат незабележани од нашите разузнавачки и контраразузнавачки служби, служби со кои ти раководеше токму во тој период, пишува во подолгиот текст Стојанче Ангелов до министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев. Поводот е телевизиското интервју на Чулев, што ја разбранува јавноста, во која министерот ги дава своите првични сознанија кратко по седнувањето во министерската фотеља, изнесувајќи инфромации дека полицајци се на платен список на криминалците, како и за незаконските унапредувања.

Во продолжение што напиша Ангелов во Чулев:

И покрај моето добронамерно укажување да се одметнеш од денес повеќе фолклорното УДБА-влијание и посебно од второто, денес сè уште реално, политичко, овојпат би додал и политичко-криминално влијание, ти, се надевам несреќно, одбра твоето прво официјално интервју како технички министер за внатрешни работи да го дадеш токму за ТВ Алфа, телевизија што случајно или не, е во доминантна сопственост на еден Србин од белградскиот Земун и на еден Унгарец од Будимпешта, телевизија што смислено, жестоко и безмилосно работи на уривање на оваа власт, но и против евроатлантските перспективи на Македонија. Две во едно. Белград и Будимпешта заедно.

На малициозното, тенденциозно и провокативно прашање на новинарката Кети Гетева, прашање полно со невистини, полувистини и „пити-лајнарки“, дека изминативе години јавноста била сведок на многу нерасчистени убиства, запалени возила, многу пресметки што му се припишувале на подземјето, на мафијата, на наркокартелите во Македонија, прашање со кое новинарката ја илустрира Македонија небаре е Белград од деведесеттите или како да е Колумбија на Балканот, прашање што завршува со зборовите, каде затаило МВР?

Мој школски другару, технички министре Наќе Чулев! Ме загрижи твојот одговор на прва. Наместо малку да прикочиш, да изамортизираш, да го намалиш доживувањето на новинарката, твојот одговор го почнуваш со зборовите: „Јас како припадник на разузнавачко-безбедносната заедница причините за затајување на МВР ги лоцирам на неколку пункта…“.

Со овие зборови ти свесно или несвесно се согласуваш со, во основа, лажната теза на новинарката. Школски, ај да бидеме искрени и сериозни, македонско подземје, македонска мафија, македонски наркокартели… Во најмала рака ќе ти се смеат Србите, Албанците и Косоварите.

Како и да е, без да подзастанеш, ти си продолжи понатаму лоцирајќи го првиот пункт во „системска неволност кај дел од структурите на власта за расчистување со криминалните структури во Македонија“. За оваа тема ќе дебатираме во некоја друга прилика бидејќи е бајаги опширна и ќе ја промашам поентата на мојата денешна кратка анализа.

Втората причина „каде затаило МВР“ според тебе е фактот дека дел од раководниот кадар, менаџментот на МВР, е избран по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба.

Школски, овде имам сериозно несогласување со тебе. И не само јас. И не само поголем дел припадници на МВР. Дури и членовите и приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ што ги познаваат состојбите во МВР се смешкаат под мустаќ на ваквото тврдење.

Ќе почнам со еден банален пример. Секретарката Зоре, која верувам дека те пречека пред да влезеш во министерскиот кабинет, ѝ беше секретарка на министерката Гордана Јанкуловска, а веднаш потоа и на министерот Митко Чавков. Не дека секретарката на министерот за внатрешни работи е некоја значајна фигура во МВР, но сепак нејзината позиција воопшто не е за потценување бидејќи меѓу другото ѝ овозможува да знае кој, кога, со кого, со што, колку пати, во каква состојба, дошол или заминал од кај министерот. Значи, истата секретарка што била добра за министрите Јанкуловска и Чавков си остана на своето работно место и кај министерот Спасовски, а верувам дека ќе ја задржиш и ти бидејќи е одличен професионалец во својата област.

Понатаму, првиот човек на Бирото за јавна безбедност, директорот Сашо Тасевски е човек што лично го знам и за кого имам само пофални зборови. Ако за него сум принуден да кажам нешто лошо ќе морам да го искритикувам само затоа што повремено користи еден возач, негов добар другар, но најчесто се вози сам и насекаде се движи без обезбедување. Најверојатно поради чистата совест и неизвалкан образ што меѓу другото се должат на неговата исклучителна чесност, одлично образование – магистер по криминалистика и криминологија на Факултетот за безбедност во Скопје и докторант, неговото врвно професионално искуство, но и борбено искуство од специјалната полициска единица Тигар, неговиот семеен живот… Оваа перцепција доаѓа и од моето лично познанство со директорот Сашо Тасевски од времето кога тој беше еден од најдобрите специјалци во Тигрите, а јас заменик-командант на единицата.

Школски, се надевам не мислиш на него кога зборуваш за кадри избрани по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба?

Првиот човек на Одделот за криминалистичка полиција или што би се рекло шефот на сите цивилни инспектори или оперативци на МВР до вчера беше дипломираниот криминалист Марјан, човек од старата џандарска школа, човек кој пред да биде поставен на оваа позиција повеќе од 25 години работеше во МВР минувајќи ги сите професионални скалила. Го паметам уште од времето кога во 1995 година јас како приправник во штипската полиција почнав да го печам полицискиот занает. Дури можам да се пофалам дека од него успеав да научам и неколку полициско-криминалистички финти.

Школски, се надевам не мислиш на Марјан кога зборуваш за кадри избрани по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба?

Првиот човек на униформираната полиција или што би се рекло првиот униформиран полицаец на МВР Сали се наоѓа на ова позиција уште од времето на министерката Гордана Јанкуловска и остана таму и во времето на министерот Митко Чавков. Професионалец со повеќегодишно полициско искуство кој воопшто не е за потценување. Министерот Оливер Спасовски само го наследи и остави на оваа позиција.

Школски, се надевам не мислиш ниту на него кога зборуваш за кадри избрани по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба?

Првиот човек на Одделот за гранични работи и миграции или обично кажано, првиот човек на граничната полиција, помошникот директор Маринко е човек од старата џандарска школа, човек кој на оваа позиција беше затекнат од министерот Гордана Јанкуловска а на истата позиција остана и за време на министерувањето на министерот Митко Чавков. Министерот Оливер Спасовски го наследи и воедно го остави на оваа позиција. Чесен, семеен човек со одлично образование, со врвно полициско искуство, а богами и со одлично борбено искуство од 2001-та, човек со кого имам поминато многу напнати и опасни моменти. Школски, се надевам не мислиш на Маринко кога зборуваш за кадри избрани по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба?

Првиот човек задолжен за стратегиско планирање, стандарди и контрола на квалитетот на МВР е поранешниот командант на Тигрите Тони кој на оваа позиција е назначен од страна на министерот Гордана Јанкуловска, но го преживеа и времето на министерот Митко Чавков. Министерот Оливер Спасовски го наследи и воедно го остави на оваа позиција. Одлично образование, одлично работно искуство, како команданти во посебните полициски единици се среќававме низ тетовското и кумановското боиште во 2001-та.

Школски, се надевам не мислиш на Тони кога зборуваш за кадри избрани по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба?

Една од клучните алки во МВР е и Центарот за обука на МВР како расадник за нови полициски кадри, центар во кој се прави непосредна селекција на кандидатите за полицајци како и нивната основна, напредна и специјалистичка полициска обука. Директорот на овој Центар има директно влијание врз изборот на кандидатите но и врз квалитетот на нивната обука додека да станат готов полициски производ. Актуелниот директор на овој Центар за обука Гоце Бачанов цел живот работи во овој центар и е поставен на оваа позиција од страна на министерот Гордана Јанкуловска, го преживеа времето на министерот Митко Чавков и министерот Оливер Спасовски, а верувам дека ќе го преживее и твоето министерување. Школски, се надевам не мислиш на Гоце Бачанов кога зборуваш за кадри избрани по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба?

Како десна рака на министерот за внатрешни работи, една од најважните личности во МВР секако дека е и првиот човек на Одделот за правни работи, судски постапки и управување со човечки ресурси, позиција на која денес се наоѓа помошникот министерот Весна, истата онаа Весна која беше помошник министер и на Јанкуловска и на Чавков. Ако нурнам длабоко во времето се сеќавам на зборовите на братот Љубе Бошкоски, воениот министер за внатрешни работи во 2001-та, министер кој ја постави Весна на оваа исклучително висока и сензитивна позиција во еден исклучително тежок период за нашата држава. Сè уште ги паметам неговите зборови дека „оваа комуњарката“ не е наша, но одлично си ја познава работата поради што Весна беше унапредена во помошник министер. Истата оваа Весна лично ја знам од пред 2000 година и за неа имам само пофални зборови. Сите мои решенија за унапредување, вклучително и решението за мое вонредно унапредување во полициски генерал-мајор беа изработени или потпишани од неа. Оттогаш, па се до денес Весна е помошник на сите министри и затоа, мој школски другару, сум спремен да се кладам и со тебе дека ниту ти нема да ја смениш. Исто како што не ја сменија Љубе Бошковски, Хари Костов, Силјан Аврамовски, Љубомир Михајловски – Џанго, Гордана Јанкуловска, Митко Чавков, Оливер Спасовски, а сега и ти. Школски, се надевам не мислиш на неа кога зборуваш за кадри избрани по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба?

Без да именувам само ќе додадам дека трите началнички кои ги водат трите одделенија (правни работи, судски постапки и управување со човечки ресурси) кои се под директна надлежност на Весна се затекнати на овие позиции од времето на министерката Гордана Јанкуловска. Дури, едната од нив е и сестра на последниот директор на БЈБ од владата на ВМРО-ДПМНЕ, Горан Савевски, но тоа не беше причина истата да биде сменета од нејзиното работно место.

Вики како помошник директор за правни работи, судски постапки и управување со човечки ресурси на Бирото за јавна безбедност или поинаку кажано десната рака на директорот на БЈБ, на оваа позиција е именувана од страна на Гордана Јанкуловска, но го преживеа и времето на министерот Митко Чавков. Поради нејзиното одлично образование и нејзиното 25 годишно работно искуство во МВР директорот Сашо Тасевски ја остави на оваа чувствителна и доверлива позиција. Школски, се надевам не мислиш на Вики кога зборуваш за кадри избрани по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба?

Школски, се надевам дека кога тврдиш дека во МВР владеат кадри избрани по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба не мислиш на актуелниот началник на Одделот за специјални полициски операции Бранко? Човек со одлично образование, со повеќе од 25 годишно работно искуство во МВР, од кои целото во униформираната полиција, еден од командантите на посебните полициски единици во 2001-та, со кого заедно поминав дел од виорот на војната?

Или мислиш на мојот поранешен ученик, денешен командант на Тигрите Митко, човек кој ја има поминато најдобрата селекција и обука за специјални единици во Македонија воопшто, т.н. „Биди Тигар“ селекција и командоска обука. Човек со одлично образование и 20 годишно работно искуство од кои сите до една во Тигрите? Човек кој на меѓународни натпревари во стрелаштво освојувал први места победувајќи ги притоа најдобрите американски снајперисти. Човек кој ги помина сите скалила во Тигрите? Или пак мислиш на неговиот заменик Драган, еден од моите најдобри поранешни ученици, еден од најдобрите европски стрелци во борбено пукање со пиштол и пушка? Или на помошникот командант Ѓоко од кого дури и јас, пред 23 години, учев како да се движам во змија, како да извршам упад или напад, професионалец кој има повеќе од 30 години работно искуство безмалку сите во Тигрите?

Или пак мислиш на Примислав, довчерашниот командант на Алфите, на кого исто така сум му бил старешина некаде во 2001-та или 2002-та? Еден од најдобрите македонски боксери, изграден старешина со одлично образование и 20 годишно полициско искуство?

Се уморив од набројување, а верувам дека ги уморив и читателите. Затоа ќе прекинам овде, ќе оставам малку и за друг пат, а тебе, мој школски другару и технички министре Наќе Чулев јавно ќе те прашам – кој од набројаниве највисоки старешини на МВР е избран по нестручни критериуми, без почитување на основните професионални стандарди и без доволна едукација и соодветна стручна наобразба, кого и зошто од набројаниве старешини ќе смениш следните денови и кого ќе поставиш на нивно место?

Сосем за крај, ќе повторам. Лично те знам од студентските денови до денес. Ти не си лош и нечесен човек, но не сум сигурен колку ќе се снајдеш во улогата која деновиве ти е доделена. Внимавај да не бидеш злоупотребен. УДБА, разузнавање, контраразузнавање, шпионажа, интелеџенс, немаат многу врска со МВР и полициската работа. Но „Гошинце“, „Диво Насеље“ и „27 април“ се настани кои никако не можеле или барем не смееле да поминат незабележани од нашите разузнавачки и контраразузнавачки служби, служби со кои ти раководеше токму во тој период. Особено ако се земе предвид дека твојот подреден оперативец Шенаси имал активна улога во некои од нив. Сепак, надеж ми дава фактот дека точно еден месец пред пред крвавиот „27 април“ си успеал да се потргнеш од местото директор на Агенцијата за разузнавање, но сепак си останал доволно блиску до новиот директор како негов помошник. А еден помошник директор кој претходно бил директор цели 5 години верувам дека знаел повеќе и од самиот нов директор.

П.С. Не заборавај, ти сугерирав да се погрижиш прво за државните, а дури потоа за партиските интереси. Бидејќи, и двајцата добро знаеме дека, Македонија ни е сѐ што имаме.

Генерал Стојанче Ангелов