150 посни оброци поделени во хуманитарна акција на сиромашни велешани – ММС
ММС

Објавено на: 01/6/20 2:23 PM

150 посни оброци поделени во хуманитарна акција на сиромашни велешани

Со желба на сечија трпеза, вечерва на Бадник да има храна, велешанецот Трајче Мешков ја продолжи хуманитарната акција на условен оброк. Во неговата гостилнца во Велес  граѓани и фирми доаѓаат и плаќаат храна што потоа тој ја подготвува за да им ја подели на граѓаните во социјален ризик. За Бадник добронамерни граѓани и фирми платија 150 оброци. Гостилницата ги подготви а заедно со волонтерите на Хаус оф Хоуп – Ленче Здравкин и Фондација за локален развој и демократија Фокус беа поделени.

– Повелете, повелете ви треба ли оброк?

-Да, да ни требаат пет оброци господине.

-Што сакате ориз со риба или пире со риба а може и гравче со риба. Има и леб.

-Било што, нека ве благослови Господ. Нека ви е на помош и вам. Било што да е штом е од срце дадено е добредојдено за моето семесјтво.

– Честити празници.

– Исто и на вас господине и госпоѓи.

Граѓаните подготвените посни оброци си ги подигнуваа од штанд поставен пред гостилницата, во центарот на Велес. И со задоволни лица заминуваа во својот дом. Да има повеќе донатори посака Мешков, кој не ја наплаќа услугата на приготвување на храната, во неговата гостилница.

Трајче Мешков е еден од реткте велешани кои за најголемите верски празници се вклучува во хуманитарните активности на граѓанските организации во Велес. Неговиот условен оброк  заживеа во последниот квартал на мнатата година. Резултатот досега е приготвени и поделени над 400 оброци на семејства во социјален ризик во градот.