Штом се угаснаа Коледата, рано утрнава на Бадник, запеаја коледарчињата низ велешките маала и сокаци.
„Коледе леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.
Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.
Коледееееееееее…“
Песните одекнуваат. Велешани ги отворија портите и со приготвени подароци од ореви, бадеми, костени, јаболка, мандарини, портокали и коледарски колачиња ги пречекаа коледарчињата во своите домови. Децата, предвесници на раѓањето на Исус Христос влегуваат и внесуваат среќа во домовите. Нивните насмевки на лицата ги радуваат сограѓаните.
Традицијата продолжува, радосно констатираат велешките домаќинки. Коледарчињата песните ќе ги пеат се до пладне. Времето е студено и температурите се минусни но дечињата не се откажуваат од намерата да му дадат посебен белег на празнкот. Се јадат подарените колачињата, исто како во изминатите децении.
Од пладне домаќинките ќе почнат да ја подготвуваат храната за бадниковата посна трпеза. Вечерва вечерата ќе биде најдолга, се до полноќ, затоа што се чека раѓањето на Исус Христос за да се честита со зборовите „Христос се роди – навистина се роди“.


