Последната колумна на Бранко Героски „Кои се петте луѓе блиски на Заев што ја менаџирале аферата ‘Рекет’ од втор план и дали некој од нив знае каде се парите?“ е пропагандистичка валканица што ќе остане долго да се памети во „подземјето“ на македонските политички пресметки. Текстот е објавен ден по формирањето на техничката предизборна влада, на почеток на продолжен празничен викенд, за да постигне максимален читателски пропаганден ефект.
Исправно, така се прави тоа. Ефектот ќе си биде постигнат, бидејќи зад целиот напор стои вешта и со години вежбана екипа за правење „црни“ кампањи за дискредитација на политички противници и за карактерни ликвидации.
Зад ваквото пишување на Героски стојат две конкретни пропагандистички намери.
Прво, судското одвивање на „Рекет“ не им ги дава очекуваните предизборни намери. Во правосудната иницијатива без преседан, под жесток пропаганден и правен притисок и на самото Обвинителство, одржани се бројни рочишта на кои од сведоците, од обвинетите и од објавените докази дознавме сочни детали за односите помеѓу „сведокот-жртва“ и обвинетите, на начин што и понатаму ја држи отворена дилемата за тоа дали расприкажаното друштво по телефони и на домашни седенки работело на добро разработена шема за нудење поткуп или за глумење рекет? Од до сега виденото и слушнатото – бидејќи не знаеме што понатаму ќе се изведува како докази – НЕМА докажани сознанија за директна вмешаност на дискредитираната Катица Јанева во шемите за поткуп/рекет; и НЕМА докажани сознанија за вмешаност на Заев(и) во наводното рекетирање на сведокот-жртва. Можете за нив „вонсудски“ да мислите што сакате, но во судската постапка, до сега, такви докази, па дури и убедливи сведочења (вклучувајќи го, напротив, и она на самиот „сведок-жртва“) не се изведени.
Тоа е причината за втората, валкана димензија на текстот на Героски. Тој текст ќе го прочитаат илјадници луѓе, штетата несомнено ќе се направи врз неименуваните „пет луѓе блиски на Заев“ за кои во еден пара-новинарски, „кики-фрики“ стил авторот на текстот инсинуира разни фантастични работи, но писанието е, всушност, наменето за само ЕДЕН читател во Република Северна Македонија: за Боки 13.
Имено, уште од самиот почеток, аферата „Рекет“ има несомнена политичка мотивација – растурање на СЈО (остварено) и пад на СДСМ и Заев од власт (се работи на тоа да биде остварено). Пропагандната замисла беше скандалот да ДОВЕДЕ до смена на власта во Македонија.
Е, ама, судскиот тек на предметот, до сега, не оди во таква насока. Аферата се „издишува“ и пред да почне кампањата за изборите во април. Медиумските известувања од судењата стануваат по малку и здодевни, репетитивни, без суштински новитети во предметот. Модните детали за облеката на присутните во судницата станаа поважна вест од кривично-правното расветлување на настаните.
Затоа, предизборно, на пропагандистиве им е насушно потребно сведочење на Боки 13 КАКО ШТО Е ОПИШАНО во текстот на Героски. Паралелно со тоа, не би се изненадил, Боки да добива и друг вид на понуди и гаранции (а не само закани, како што вели самиот) доколку сведочи како што замислиле сценаристите на „Рекет“. Нив „ги заболе“ за Боки и како тој ќе заврши, единствено ги интересира да добијат доволно пропагандна „муниција“ од сведочењето на првообвинетиот, за да ја „развлечат“ на предизборните митинзи.
Додуша, тие, за секој случај, уште од почетокот се жалат дека судењето е „наместено“ и дека се одвива под притисок на власта, па доколку не добијат првостепена пресуда каква што политички им „одговара“, сосема доволно ќе им биде евентуално „спектакуларно“ сведочење на Боки 13 за да ја заокружат својата вонсудска, предизборна пропагандна намера.
Тоа сега го одработува Героски: наново го „енергизира“ „Рекет“ во јавноста, бидејќи изборите се ближат, а статистиките не се поволни. Па, немаат и некоја друга афера или само на „Рекет“ ќе се потпрат?
Е, сега, за дел од содржината напишана од Героски…
Набрзо по објавувањето на неговиот текст, му се обратив на неговиот профил на фејсбук, со просто прашање под објавениот текст: „Геро, извини, за да нема непотребни недоразбирања, го прочитав написот и би те замолил јавно да соопштиш дали сум јас, Сашо Орданоски, тој ‘познат новинар’ итн. за кого пишуваш?“
По неколку часови, наместо со едноставно да или не, Героски ми одговори: „Сашо, во овој момент, кога случајот ‘Рекет’ е во фаза на судење и на можни дополнителни инкриминации, можам само да ти одговорам дека јас никого не инкриминирам, па ни тебе. Според тоа, одговорот и за тебе е ‘не’. Впрочем, Кабранов се огласи во името на тимот на 1ТВ. Ќе дојде време кога препознавањата ќе се случат на легитимен и легален начин.“
Повеќе на civilmedia.mk
Сашо Орданоски за Цивилмедиа