Градоначалникот на Неготино Тони Делков денеска информира дека е општината ја поништи постапката за продажба на градежно земјиште за изградба на депонија. Ваквата нова одлука, тој деновиве ја најави преку прес конференција на која нагласи дека се следи волјата на граѓаните и дека депонија нема да има.
„ За ова има и официјален документ кој може да се провери на интернет страницата за градежно земјиште на e-урбанизам, тоа е системот на кој се води продажбата на градежно земјиште, објаснува Делков и порача дека доколку од граѓанската иницијатива која води постапка за распишување референдум против депонија не веруваат дека е поништена одлуката за продажба на земјиштето, можат да продолжат да собираат потписи.
Делков смета дека со целата постапка против депонијата одредени структури воделе политичка кампања.
Од здружението на граѓани „Ековита“ продолжуваат со собирање на потребните 3200 потписи по што ќе треба да се распише референдум на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за изградба на депонија. Досега се собрани 2500 потписи од потребните 3200 информира за канал 77, претседателот на „Ековита“ Сашко Тодоров.
„За спроведување на оваа граѓанска иницијатива е донесена е одлука да продолжиме со собирање на потписи. Наша единствена цел е да се одржи референдум во општина Неготино, како гарант дека нема да се дозволи изградба на депонија. Доколку прекинеме со постапката може некој повторно да го продаде земјиштето. Сакаме обврзувачки референдум, бидејќи ако ја запреме постапката сега, две години не може да се распише нова постапка за референдум“ вели Тодоров.
Ангел Данов


