Предлог-закон за ратификација на Северноатлантскиот договор во собраниска процедура – ММС
ММС

Објавено на: 01/3/20 1:25 PM

Предлог-закон за ратификација на Северноатлантскиот договор во собраниска процедура

Предлог-закон за ратификација на Северноатлантскиот договор од денеска е во процедура во Собранието на Република Северна Македонија, како владин предлог утврден на 174 редовна седница.

 

Предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор на нашата земја со НАТО, треба да биде усвоен во Собранието и се предвидува да стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија, по што ќе биде депониран во Вашингтон, откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во полноправно членство во Алијансата.

 

Согласно договорот за одржување предвремени парламентарни избори, Собранието треба да се распушти на 11 февруари, а се уште е неизвесно дали до тој датум Шпанија ќе го ратификува Протоколот за членство во нејзиниот Парламент.

 

ВМРО-ДПМНЕ излезе со предлог за „предвремена” или „условна” ратификација на Протоколот, повикувајќи се на искуството на Црна Гора, која документите неопходни за нејзиното членство во НАТО ги ратификуваше во април 2017 година, а Холандија и Шпанија извршија ратификација на Протоколот за членство на Црна Гора во Алијансата дури следниот месец.

 

Премиерот Заев тогаш оцени дека таквата иницијатива „вреди да се разгледа”.

MИА