Најстариот жител на општината Македонска Каменица, Пракса Златкова од село Дулица, која има 102 години и годинава не беше заборавена од локалните власти. По повод новогодишните и божикните празници, најстарата жителка во општината, ја посети градоначалничката Соња Стаменкова.
-Со желби за многу здравје и уште многу убави моменти во Новата 2020 година, честитајќи и ги празниците на 102-годишната баба Пракса и нејзиното семејство, им доделивме пакет со прехранбени производи и средства за домаќинство. Сметаме дека ова наше внимание е од големо значење за баба Пракса која го заслужува тоа, истакна Стаменкова.
Слична ваква посета, како што додадоа од општината беше реализирана за време на нејзиниот 102-ри роденден.
Праска Златкова е најстар жител во Општина Македонска Каменица, но сигурно и меѓу најстарите во земјава. Долговечноста според нејзините внуци се должи на здравиот начин на живот на село, занимавањето со земјоделство, и спокојниот живот. Пракса Златкова има пет деца, многу внуци, и правнуци.
МИА