Америка ги забранува е-цигарите со вкусови – ММС
ММС

Објавено на: 01/3/20 11:50 AM

Америка ги забранува е-цигарите со вкусови

САД најави забрана на некои вкусови од е-цигарите, поради загриженоста за пушењето меѓу тинејџерите.

Забраната се однесува на минт и овошните вкусови што се нудат на пазарот. Сепак, ментол и тутун вкусовите се’ уште ќе бидат достапни.

Ваквата одлука била размислувана повеќе од една година, време за кое некои од државите самостојно донесоа ограничувачки одредби.

Јужна Кореја, Индија и Бразил се само некои од државите кои имаат донесено забрана за ваквите е-цигари.

Секретарот за јавно здравје и услуги на САД, Алекс Азар, изјави дека администрацијата на Трамп сака да продолжи да им нуди алтернативи на возрасните за ваквите цигари на пазарот, додека исто така се обидува да се грижи за зголемената зависност меѓу тинејџерите.

„ Со приоретизирање на грижата против продуктите што се најмногу користени од децата, ние настојуваме да постигнеме правилен баланс во здравствениот систем“, изјави Азар.

Во САД 55 лица умреа а повеќе од 2.500 биле хоспитализирани со повреди поврзани со пушењето е-цигари.

Во врска во оваа криза, Трамп изјави дека ќе ги забрани сите вкусови освен тутунот, но администрацијата попушти под притисок на индустријата.

„Мораме да ги заштитиме нашите семејства, но во исто време ова е голема индустрија. Мораме да ја заштитиме и индустријата“, изјави Трамп.

„Јуул“, најголемата компанија за е-цигари во САД, веќе ги повлече своите овошни продукти од пазарот, но тоа треба да го направат и сите други вакви компании во следните 30 дена.

Активистите за построги правила бараат да се забранат и е-цигарите со вкус на ментол и тутун бидејќи во недостаток на останатите вкусови, тинејџерите секако ќе се преориентираат кон нив.

Службени лица изјавија дека доколку забележат пораст на користењето на е-цигари со вкус на ментол и тутун, тие ќе преземат дополнителни чекори.

САД пред скоро време ја зголеми границата за купување на тобако производи на 21 година. Е-цигарите исто така спаѓаат во оваа група.