Во големиот пожар, што изби на први септември 2019 година и гореше речиси три дена, беше предизвикана штета од над 21 милиони денари. Во пожарот што го гаснеа пожарникари од Штип, Пробиштип и Кочани, беа опожарени 70 хектари земјиште, 55 хектари сува трева, ожнеани ниви и нискостеблести растенија и државно земјиште. Комплетно беа уништени 15 хектари на насади со вишни, цреши и ореви сопственост на физичко лице од општина Пробиштип. Пожарот бил предизвикан од искра при сечење на арматурно железо од работници ангажирани од МЕПСО.
СВР Штип поднесе кривична пријава против В.П.(55) од Р.Албанија, овластено лице во фирма од Албанија со седиште во Скопје, против Б.А.(33) од Скопје, вработен во Државен пазарен инспекторат Скопје и Н.Ф.(66) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „тешки дела против општата сигурност“ и против правниот субјект, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. В.П. во 2017 и 2018 година потпишал договор со А.Д. МЕПСО за реконструкција на 110КV далековод, а со градежни активности започнале на почетокот од мај 2019 година. В.П., исто така, во име на правното лице склучил усмен договор со Б.А., за демонтирање на бетонски столбови од трасата на далеководот, а потоа Б.А. преку усмен договор ангажирал негови работници, помеѓу кои и Н.Ф. На 01.09.2019 помеѓу селата Горно Трогерци и Горни Балван, општина Карбинци, Б.А. и Н.Ф., при сечење на арматурното железо со оксиген, од искрите предизвикале пожар, соопштува СВР Штип.


