ВМРО-ДПМНЕ го одредиле Наќе Чулев, професионалец од Агенција за разузнавање, како нов предлог за технички министер во МВР.
Наќе Чулев е со богато искуство од областа на безбедносната политика и прашањата од Министерството за внатрешни работи.
Чулев по вокација е дипломиран криминалист со постипломски студии по мир и развој, на Институт за одбранбени и мировни студии, при Филозофски Факултет на Универзитетот Св Кирил и Методиј Скопје.
Има завршено обуки и доусовршувања во Велика Британија, Германија, Бугарија и други европски држави.
Во неговата богата биографија стои дека поминал низ програмата за тероризам и безбедносни студии Џорџ Маршал, Европски центар за безбедносни студии од Германија и Лондон Велика Британија. Завршил обука и на Трансатланската академија (ТАСА) на Универзитетот Бон во Германија.
Се усовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на Софискиот Универзитет во Бугарија. Бил дел и од школата за балканската мрежа за човекови права во Дубровник Хрватска. Учествувал и на безбедносниот форум за стратегиска комуникација и евроатланска интеграција што беше дел од НАТО колеџ за одбрана.
Чулев е ново лице во политиката, но не и во секторот на безбедносни прашања. Тој работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање. Чулев е редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.
Претходно во периодот од 2013 до 2017 година бил директор на Агенцијата за разузнавање. Од 2017 до 2019 генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Воедно во 2017 година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.
Работел и како советник во Агенцијата, а бил и прв секретар во амбасадата на Република Македонија во Турција, од 2003 до 2007 година.
Наќе Чулев е на возраст од 47 години, а е роден во Кавадарци.