Магијата на празничното дарување – ММС
ММС

Објавено на: 01/2/20 11:17 AM

Магијата на празничното дарување

Нема поубаво чувство отколку дарувањето велат членовите на Мото клубот „Мечки” од Куманово кои традиционално веќе 12 години носат подароци за корисниците на услугите на дневниот центар за лица со попреченост под 18 години, сместен во близина на поранешната фабирка „Чик”. Бучните и моќни мотори  во неделата пред Нова Горина, добиваат нежен лик, украсени со балони, ѕвончиња, елкички, лампиони. Моторџиите облечени како Дедо Мраз не успеваат да остават никого рамнодушен, ниту најмалите, ниту највозрасните.

 

„Дедо Мраз на мотор” стана препознатлива во Куманово, во државата, поширокиот регион како манифестација што ги обединува моторџиите кои подаруваат различна опрема за потребите на центарот кој згрижува 24 деца со различна попреченост, умерена, тешка и со комбинирани пречки во психофизичкиот развој.

 

Идејата дошла спонтано, велат моторџиите. Членовите се од различни професии, но сите ги поврзува страста кон моторите и кон дарувањето.

 

Игор Тимчевски од мото клубот вели дека членува од  2010 и не знае точно од каде е идејата за дарување, сепак додава  е одлична.

 

-Ако ги исклучиме сите стереотипи што важат за моторите, брмчењето, страшниот звук, под сите тие маски остануваат хумани, вистински луѓе кои делат страст и кон моторите и негуваат хуманост, вели Тимчевски.

 

Виктор Михајловски негов колега од „Мечки” вели дека не се само празниците кога треба да се дарува и да се посвети внимание на оние на кои им е најпотребно.

 

-Бидете добри, бидете хумани, сето тоа се враќа, вели Михајловски.

 

И не само „Дедо Мраз на мотор”, кумановските моторџии, летово, во соработка со „Еуробајкери” донираа значителна опрема за кумановската болница и домот за стари лица.

 

Јовица Гиновски од Мото клубот „Мечки” вели дека ова е проект кој се реализира преку „Еуробајкери” и нивната  хуманитарната програма ББХ. Тој информираше летово бил дониран камион опрема, преку проект  која се реализира преку нивните активности на едукативен и хуманитарен план кои ги остваруваат преку одличната соработка со установите од градот.

 

-Донацијата пристигна во вистински раце, потенцира Гиновски.

 

Претходните години, во 2014 „Еуробајкери” донираа медицинска опрема за болницата, опрема за Дневениот центар за деца со посебни потреби, за домот за стари лица, потоа следуваше опрема за болницата во Демир Хисар, за две болници во Охрид, а во 2017-та училишен прибор, клупи, маси, столови за кумановското училиште „Бајрам Шабани”.

 

Наредните донации ќе се реализираат во други градови од соседните држави.

 

Во изминативе дванаесет години, моторџиите за Дневниот Центар даруваа комјутери, печатачи, кујна, машини, мебел… и се разбира пакетчиња.

 

Корисниците на услугите на дневниот центар, облечени во дуксери со логото на мото клубот „Мечки”, нестрпливо ги очекува моторџиите. Веќе се стари пријатели, се знаат и заеднички се радуваат.

 

Следеше традицоналното возење во круг на големиот паркинг, потоа фотографирање седнати на мотори и на крај доделување подароци во просториите на Центарот. За да возвратат корисниците им подарија новогодишни рачно изработени честитики и украси. Со топло чајче и исто толку топла атмосфера, моторџиите и корисниците на Дневниот центар ги прославија празниците.

 

Колку е значајна посетата на моторџиите за корисниците на дневниот центар раскажува Сандра Крстевска Саревска, дефектолог во дневниот центар.

 

Првата година, вели им било малку страв како ќе реагираат децата, дали ќе се исплашат, како ќе реагираат од звукот на моторите.

 

-На наше изненадување децата беа воодушевени. Сите се радуваа, лично без изненадена, сите тргнаа кон моторите, се качија да се фотографираат, немаа страв ниту од еден моторџија. Влегоа во центарот, моторџиите пеат, децата пеат. Наредната години сликата се повторуваше и самите деца си ги бараа. Едното од децата Милош, секогаш кажува мене ми е роденден кога доаѓаат моторџиите, раскажува Саревска.

 

Сузана Петковска, родител на корисник на Дневниот центар вели дека повеќекратни се ефектите кои ги има нејзината Ана од посетувањето на центарот.

 

-Претпразнично научија дека доаѓаат моторџиите. Многу се радуваат на нивната посета. Аплеирам да се следи примерот на моторџиите, вели Петковска која воедно е и координатор за родители во рамки на проектот општо корисна работа.

 

Раководителот на Центарот и психолог Ивица Благојевиќ вели дека моторџиите се вистински пример како функционира едно здружение, како се придонесува кон локалната заедница во која функционираат.

 

-Моторџиите со својата долгогодишна активност придонесоа за поголема социјализација и инклузија на корисниците на услугите на дневниот центар. Тие беа меѓу првите кои го посетија Центарот, оставрија непосредни контакти и оваа пријателска врска опстанува повеќе од деценија, се надеваме за долги години, вели Благојевиќ.

 

Членовите на мото клубот се активни чинители во локалната заедница. Секогаш се присутни и како дел од хуманитарни активности, превентивни кампањи за подигање на свеста за користење опрема и почитување на сообраќајни правила.

 

Хуманитарната активност „Дедо Мраз на мотор”  секогаш измамува насмевки не само кај децата со попреченост, туку кај кумановци генерално.

 

MИА