Директорот на КПУ Затвор „Скопје” Есад Рахиќ денеска истакна дека во споредба од пред шест месеци, состојбата во затворот е многу подобра.
Тој посочи дека со донации е реновиран кровот, како и дека се поставени фотоволтаични системи кои произведуваат струја за топлење на вода за потребите на затворот.
– Неколку фирми донираа средства за реновирање на келии и тоалети, донирани се кебиња, душеци, чаршафи, прехрамбени производи, облека, бела техника, наведе Рахиќ.
Тој истакна дека донациите кои се собрани во затворот изнесуваат околу 250.000 евра.
– Во делот на изработка на проекти се вклучија Земјоделски и Архитектонскиот факултет, студентите направија проекти за инсталирање на соларни панели кои произведуваат струја за производство на расат, за нашите пластеници и стакленици. Тоа особено е важно затоа што сметаме прецесот на ресоцијализација е многу важен, бидејќи во тој дел имаме проблеми, над 85 проценти се повратници, во таа насока ќе бидат ревитализирани и браварската, столарската, електричарската и автомеханичарската работилница, истакна Рахиќ.
Нагласи дека имаат ветување од Град Скопје дека конечно ќе се заврши и канализацијата, бидејќи објектот нема фекална канализација и оти тоа во 2020 година е еден од приоритетите.
Директорот на КПУ „Скопје” наведе дека се примени нови 11 затворски полицајци и оти има најава дека ќе се примат уште десет. Во затворот сега има околу 95 припадници на затворската полиција.
Рахиќ истакна дека се работи на искоренување на корупцијата во затворот, потенцирајќи дека се преземаат мерки за да се подобрат условите во КПУ „Скопје”.
МИА