Биг Бен ќе чукне за Нова година – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/19 12:19 PM

Биг Бен ќе чукне за Нова година

Едно од најпознатите обележја на Лондон, саат кулата Биг Бен, ќе се огласи на полноќ на 31 декември, прв пат откако е откриен неговиот нов изглед по реконструкцијата.

Кулата на Елизабета, на зградата на британскиот парламент, висока 96 метри,  еден од најфотографираните објекти во Велика Британија, беше прекриена со скелиња во последните две години.

Во тој период на часовниците на сите четири страни повторно им е вградена глазура, стрелките се бојадисани, а релјефните украси во камењата се исчистени и реставрирани. Дел од скелето е тргнато во март годинава, кога се откри дека некогашните црни броеви на часовникот се избоени во сино, во согласност со мислењата на научниците дека тоа била нивната оригинална боја.

Откако почнаа градежните зафати во 2017 година, Биг Бен ѕвони само на значајни настани, наведува Ројтерс.

Последен пат Биг Бен се огласи на „денот на сеќавањето“, празник посветен на примирјето во Првата светска војна, на 11 ноември годинава. Во соопштение на британскиот парламент е наведено дека ѕвончето ќе биде тестирано неколку пати пред новогодишната ноќ.

Градежните зафати треба да бидат завршени во 2021 година.