Донесен е Деталниот урбанистички план за изградба на брана на река Отиња. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски вели дека ова е последниот документ во обемната документација за овој капитален проект. Последниот чекор е добивање градежна дозвола од Министерството за транспорт и врски.
-Ние веќе имаме Детален урбанистички план што е стапен во сила, којшто е во рамки на Генералниот урбанистички план, за што сум многу среќен, бидејќи ова е претпоследниот чекор до изградбата на браната. Последниот чекор во текот на јануари е добивање градежно одобрение, што исто така е во Министерството за транспорт и врски, вели Бочварски.
Очекува да нема никакви пречи при издавањето на градежната дозвола, бидејќи во рок од две години проектот е ревидиран и се донесени сите согласности и студии. Смета дека изборите нема да бидат пречка во распишување на меѓународниот тендер, оти проектот е нотиран во Програмата на Министерството за транспорт и врски за 2020 година, а веќе се резервирани и 200 милиони денари или 3,5 милиони евра за старт на овој капитален проект. Вкупната вредност е 7,5 милиони, а ќе се реализира во наредните две години. Експертите тврдат дека вода во неа ќе има, бидејќи ќе се полни од сите притоки на Отиња, а деталниот план кој беше презентиран летово предвидува изградба на пешачки патеки и викенд населба.
МИА