Апостол Симовски: Сè уште сум оптимист дека законот за попис ќе се донесе пред изборите – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/19 8:25 AM

Апостол Симовски: Сè уште сум оптимист дека законот за попис ќе се донесе пред изборите

Пописот обезбедува огромен фонд податоци што на општеството му се исклучително битни при градењето стратегии и политики на развој, а недостигот на информации не ви дава можност за квалитетно планирање на која било активност. Веројатно нивото на инвестиции во земјата е такво какво што е бидејќи потенцијалните инвеститори немаат податоци. Пописот е битен бидејќи опфаќа сè и ги собирате информациите за сите релевантни единици, додека другите статистички истражувања во принцип се базираат на репрезентативен примерок. Кога се работи со примерок секогаш постои ниво на статистичка грешка. Рамката од која ние го влечеме примерокот е стара 18 години и колку е квалитетен тој примерок е веќе прашање, вели во интервју за МИА директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

 

Изминатава 2019 година е многу интересна за ДЗС, не само поради интензивните подготовки за пописот, туку и големиот број активности за градење на целиот статистички систем во земјата.

 

– Две илјади и деветнаесетта година ја посветивме на европската агенда, односно интензивно работевме на достигнување на стандардите што ги има поставено европската статистика во моментот. Во овој период се обрна најголемо внимание на градењето на капацитетите на Заводот, во смисла за покачување на нивото на знаење во областа на статистиката, во спроведување на постојните истражувања и постигнување повисоки стандарди со нив, но и воведување повеќе нови истражувања што досега не сме ги спроведувале, а се некое ниво што има потреба, вели Симовски.

 

Споменувате нови статистички истражувања, кои би ги издвоиле како поинтересни?

 

– Имаме новини во делот на национални сметки. Една област што ја покриваме статистички и тука правецот на усогласување со стандардите на ЕУ е постигнување на тие стандарди што се во областа на економските сметки на државата. Не сме ги постигнале сите, но одиме во тој правец. Променивме многу во начинот на пресметка на сите овие индикатори. Воведовме ново софтверско решение, што овозможува полесен начин на комуникација со сите тие влезни информации за пресметка на бруто-домашниот производ по производствен, по расходен метод итн. Воведовме нови техники на прибирање на податоците, особено во социјалните статистики. Најголемите анкети што ги спроведува ДЗС, како што се анкетата за работна сила, за потрошувачка во домаќинството, за условите за живеење, веќе не ги спроведуваме со користење хартиени прашалници, туку со користење посебни апликации, кои даваат можност и за побрзо и за прибирање многу поквалитетни податоци со таа анкета. Го усовршивме целосно статистичкиот регистар на деловни субјекти, што е крупна активност, бидејќи сите економски истражувања се базираат на овој регистар. Тргнуваме во воведување нови истражувања во судските статистики.

 

Државниот завод за статистика тековно емитува статистички податоци, но како го позиционирате немањето попис во релевантноста на тие податоци?

 

– Самиот попис обезбедува огромен фонд податоци што на општеството му се исклучително битни при градењето стратегии и политики на развој. Нема сегмент во општеството што не зависи од податоците од пописот. Кој било што треба да донесе некаква одлука, дали е одлука за развој на Владата или министерствата, дали е тоа бизнис-секторот, дали се тоа потребите на научната јавност или невладиниот сектор. Недостигот на информации не ви дава можност за квалитетно планирање на што било… Ако ги немате овие информации, може да влезете во една авантура, да потрошите огромни средства за нешто што нема да има никаква функција, а да останете куси со средства за нешто што навистина има потреба.

 

Кој било деловен субјект, посочува Симовски, како ќе се реши да инвестира во нешто во својот сопствен развој или градење нови капацитети, ако нема информации прво за расположлива работна сила, дали имаме доволно и каква расположлива работна сила.

 

Многу информации се потребни за една ваква одлука. Веројатно нивото на инвестиции во земјата е такво какво што е поради тоа што немаат податоци тие што сакаат да инвестираат и најчесто откажувањата се откако ќе видат дека не располагаат со вакви потребни податоци.

 

Но, сепак имаме некакви бројки за сите овие сегменти…

 

– Пописот е меѓу малиот број статистички истражувања што има целосен дофат на појавата. Другите статистички истражувања во принцип се базираат на репрезентативен примерок. Кога се работи со примерок секогаш постои ниво на статистичка грешка. Колку тој примерок е поголем, таа статистичка грешка е помала. Кај пописот ја немате таа статистичка грешка, бидејќи опфаќа сè и ги собирате информациите за сите релевантни единици на тоа истражување. Затоа е битен тој попис, меѓутоа е преголема и прескапа операција за да се спроведува постојано… Пописот ни дава рамка за извлекување примерок и колку е постар податокот од пописот, во нашиот случај веќе 18 години немаме попис. Таа рамка од која ние го влечеме примерокот е стара 18 години, колку е квалитетен тој примерок е веќе прашање, бидејќи премногу време е поминато и премногу промени се случиле со составот, структурата и разместеноста на целокупното население и веќе почнувате да се сомневате и во квалитетот на примерокот. Факт е дека правиме ажурирање на таа рамка, но тоа не го дава ефектот како и пописот.

 

Во тој контекст, колку ја чини државата одложувањето на пописот?

 

– Сметам дека нема човек што може да го пресмета тоа, бидејќи потенцијалните финансиски текови во државата што може да се случат ако имаме податоци се големи. Не знаеме колкава би била примарно заинтересираноста на странскиот фактор за инвестирање ако ги има сите релевантни информации, меѓутоа во секој случај тоа се големи суми. Од друга страна се трошоците што сами ги правиме немајќи податоци, па некогаш ќе се впуштиме во некаква инвестиција што нема да даде плод или, обратно, нема да се впуштиме во инвестиција, исто така чини пари.

 

Предлог-законот за попис заглави во собраниска комисија, дали ги видовте забелешките на опозицијата?

 

– Донесувањето на овој закон не е тежок проблем. Може да се донесе брзо бидејќи бара просто мнозинство во Парламентот, но целта не е само да се донесе закон. Целта е сите политички субјекти да застанат зад тој закон и да го поддржат. Пописот не може да го спроведете ако ја немате и таа политичка логистика и волја да се спроведе. Целта е да има консензус кај сите политички субјекти во Парламентот кога се донесува овој закон. Опозицијата излезе со 23 барања што сметаше дека треба да бидат вклучени, од кои најголем дел воопшто и не може да бидат прифатени бидејќи водеа кон она што се случи со пописот во 2011 година.

 

Пописот е скапа работа. Најавите беа дека ќе чини околу 8,5 милиони евра. Што би загубиле со некоја поевтина или би добиле со некоја поскапа варијанта?

 

– Најевтин метод е доколку успееме да го постигнеме стандардот да правиме попис преку користење на регистрите. Во тој случај цената на чинење на пописот ќе биде нула денари или ќе имаме тековен трошок на институцијата што го спроведува. Статистичките служби во земјите што спроведуваат ваков тип попис имаат двајца или тројца ангажирани на оваа проблематика и го работат автоматски. Тоа е најдобрата варијанта со најквалитетни, најевтини и најбрзи информации. Најскап е традиционалниот метод. Овој попис планираме да чини 8,5 милиони евра, за претходниот што не успеа беа планирани 14 милиони евра. Значи, веќе сме за 5,5 милиони евра поевтини во однос на тој попис. Но, не е битна само цената на чинење, туку и брзината на обезбедување на податоците од пописот. Ако во претходните пописи обработката траела од година до две, сега планираме да трае најмногу шест месеци и се надеваме да завршиме во три месеци со целокупната обработка. Значи ќе имате свеж податок навреме, по година – две тој е веќе историски.

 

Хрватска најави дека во 2021 година ќе биде последниот традиционален попис и планира да премине на користење регистри на население…

 

– Сите најавуваме. И ние најавуваме дека ќе биде последен попис каде што воопшто ќе се оди на терен. И нашата цел е наредниот попис да биде исклучително базиран на регистри. Истото го најавија и Хрватска и Србија, додека Црна Гора сака и овој попис да биде базиран на регистри, меѓутоа се сомневам во тоа.

 

Ние веќе имаме најавено регистар на население од Министерството за информатичко општество и администрација. Дали постои некоја координација со вас?

 

– Кога зборував за претпописна база, главниот елемент на неа ќе биде регистарот на население. Тој е костурот на кој ќе ги прикачуваме сите останати информации од другите регистри. Ќе го користиме како база максимално. Меѓутоа во тој регистар ги имате сите државјани и имате лица што се надвор од земјата подолго време. Во согласност со статистичките стандарди, една од најважните е категоријата на резидентно или вкупно население, и има посебно дефинирани правила кој може да биде дел од таа категорија. Во тој регистар има луѓе што не се дел од таа категорија, а не може директно од регистарот да утврдите кои се тие. Да имаме квалитетна евиденција на сите лица што се надвор од државата би можеле да го користиме како главна база за попис базиран на регистри. Вториот елемент за ваков попис е локацијата со адреса и координати. Ние сè уште немаме квалитетен адресен регистар. Додека ова не го постигнеме, ние не можеме да кажеме дека ќе спроведуваме попис базиран на регистри. Се работи интензивно на тоа. Агенцијата за катастар веќе работи на тоа. Делот на хартија е завршен, меѓутоа сето тоа не е имплементирано на самото место и тоа е долг процес.

 

Имавме пробен попис во 2019 година, што покажа тој. Дали сме подготвени за попис?

 

– Кажав, бидејќи одиме со лаптоп и користиме регистри, направивме посебна апликација. Едно многу сложено апликативно решение што требаше да се тестира. Оваа апликација треба да даде можност за директна комуникација на лаптопот на попишувачот и базата на податоци во Заводот и тоа во две насоки. Прво со внесување на матичниот број да ги повлече сите податоци од базата за тоа лице, а откако ќе заврши со попишување да ги трансферира сите податоци назад во базата во статистика каде што ќе се складираат… Ова требаше да се тестира, заедно со тоа дали прашањата се јасни и разбирливи за лицата кои даваат податоци и сите организациски и логистички прашања. Исклучително сме задоволни од тоа што го видовме. Не завршуваме тука, ќе имаме уште едно пилот-тестирање. Планот е да биде втората половина на февруари да имаме тестирање на ГИС-компонентата. Имено, секој објект е лоциран со електронски координати и можеме да имаме увид во секое време што е завршено, што не е во текот на спроведување на пописот и каде се наоѓа во секој момент попишувачот.

 

Веројатноста е голема дека влегуваме во 2020 година без донесен закон за попис…

 

– Јас сè уште сум оптимист дека ќе се донесе овој закон пред изборите. Настојувам тоа да се случи од едноставна причина. Не дека евентуална промена на власта нешто ќе предизвика, зашто сè е така направено да биде исклучиво професионална операција. Меѓутоа, додека се формира нов парламент и влада ќе помине време, а ние сакаме да има закон врз основа на кој и де јуре да бидеме покриени во сите активности. Ние не сме запреле со нашите подготовки, но кога го немате законот, сè уште немате попис. Сè може да планираме, но сè уште нема фиксен датум и метод на попис и други елементи што се важни за спроведување на пописот… Ако нема закон, никогаш не сте сигурен дали и што ќе правите.

 

Кој е најреалистичен датум за спроведување на пописот?

 

– Ние веќе имаме одредено датум. Тоа ќе биде од 1 до 21 април 2021 година. Тоа е период во кој ќе спроведуваме попис и мислам дека нема субјект во државата што на тој дел ќе најде проблем. Опозицијата и на ова имаше забелешка, бидејќи во согласност со европските регулативи, тие велеа дека земјите членки треба да прават попис во годините што завршуваат на 1. Ние планиравме попис во 2020 не затоа што не сакаме да биде во 2021 година, туку затоа што го немавме претходниот и требаше многу порано да направиме попис. Мислам дека ги расчистивме и со опозицијата останатите елементи дека не е сега момент, заради тоа што целокупната методологија е направена така ова да биде навистина професионална операција и мислам дека и тие се убедени во тоа.

 

Добро, што тогаш очекува Државниот завод за статистика во 2020 година?

 

– Две илјади и дваесетта е година во која оваа институција ќе одбележи 75 години од своето постоење. Една голема традиција што треба да ја покажеме во јавноста и сите активности се во овој правец. Не во одбележување, туку во зајакнување на позицијата на институцијата во државата и довербата на сите корисници на податоците што ги произведуваме. Нормално да го подготвиме и да бидеме подготвени за пописот во 2021 година со сите елементи како што треба. Во план е воведување нови истражувања. Два проекти од ИПА 2017 се во тек и има голем број активности, пред сè во подигнување на капацитетот на институцијата. Оваа 2020 година започнуваме нов проект со шведската статистика, преку нивната агенција за развој, во делот на дисеминација на статистичките податоци…