Само со коренито решавање на проблемот со затоплувањето во Скопје, ќе се реши и проблемот со аерозагадувањето. Ова во неделното интервју за Радио Слободна Европа го изјавува градоначалникот Петре Шилегов. Тој напоменува оти искрено се надева дека Град Скопје ќе излезе од правните лавиринти во кои се наоѓа визави концесискиот договор со “Балкан Енерџи Груп“ која ја има лиценцата за топловодната мрежа и дека Градски енергетски системи (ГЕС) ќе ја гради мрежата за снабдување со гас.
– Ако сакаме да го решиме од корен проблемот со аерозагадувањето во нашиот град, ние мора стратешки и коренито да го решиме проблемот со затоплувањето на домовите. Во една таква констелација на односи, мојата одлука беше дека Градот мора да биде предводник и креатор на сопствена енергетска политика и заради тоа го создадовме ГЕС. Имаме животен интерес за развој на мрежата, зашто дисперзијата на топлотна енергија во што е можно повеќе домови значително ќе придонесе во намалување на емисијата штетни гасови во градот – истакнува Шилегов во интервјуто.
Тој потенцира дека преку пратеничката група на СДСМ поднел барање за измени на Законот за јавни претпријатија, и истите во саботата беа усвоени во Собранието на РСМ.
– Сега, одлуката на Советот на Град Скопје може да се спроведе во Централниот регистар. Ја враќаме „Дрисла“ под ингеренции на Град Скопје. Тоа е и единствен начин да се расчистат контроверзите и недореченостите и стравот што постои кај граѓаните за „Дрисла“ – вели Шилегов.
Според него, пуштањето во употреба на стационарот за кучиња скитници „Лајка“ (поранешно Вардариште) доцни поради стандарди што досега биле невообичаени за заштита на животните, како што е воведување подно греење – нагласува градоначалникот.
Вели дека комуналната полиција најавена до крајот на годинава е во застој поради закажаните предвремени избори.
– Законот е подготвен од Град Скопје и доставен на мислење до 17 институции – вели Шилегов.
Со усвоениот буџет на Град Скопје ќе продолжи континуитетот на инфраструктурни проекти кои почнале во 2019 и, како што рече Шилегов, ќе бидат сериозно видливи во 2020-2021. Во буџетот се предвидени и средства за зголемување на платите на пожарникарите


