Во најголемата штипска населба Сењак денеска свечено беше пуштена новата градинка „Виножито“, која како клон ќе функционира во рамките на градинката „Астибо“.
На свеченото отворање присуствува и министрите за внатрешни работи и за локална самоуправа, Оливер Спасовски и Горан Милевски.
Градоначалникот на Штип Благој Бочварски истакна дека градинката која се простира на над 1.600 метри квадратни е инвестиција од речиси 1 милион евра, а го решава проблемот со прием на деца во градинките во Штип.
-Успеваме да заокружиме еден многу значаен проект, сериозен и по инвестиција, и по капацитет, но и сериозен градежен зафат како објект, во вредност од 60 милиони денари, во којшто учество зедоа Општина Штип, Министерството за локална самоуправа и Министерството за труд и социјална политика. Денеска го заокружуваме овој објект со капацитет за 200 дечиња, рече Бочварски.
Министерот за локална самоуправа Милевски рече дека од вкупниот буџет за оваа градинка, најголемата инвестиција е на Општина Штип, 37, 7 милиони денари, додека Министерството за локална самоуправа проектот го поддржа со околу 16 милиони денари, а Министерството за труд и социјална политика инвестираше околу седум милиони денари во целосно опремување на градинката.
–Веруваме дека денеска е радост за децата, за родителите и за вработените во градинката „Виножито“ во Штип. Секогаш треба да се грижиме за идните генерации во нашата земја, да им овозможиме на децата среќно детство. Министерството за локална самоуправа и во 2020 година ќе продолжи да креира јасни политики за граѓаните и општините, сите заедно да имаме подобар и удобен живот, рече Милевски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека ова е инвестиција во иднината и во најмалите.
-Навистина е задоволство кога ќе видите дека даночните средства од даночните обврзници на Штип, на Македонија, ги вложуваме навистина во проекти, коишто се пред се во образование, проекти за заштита на децата и проекти што генерално значат развој на државата преку вложување во децата како наша иднина, рече Спасовски.
Штип добива градинка по 38 години. Изградена е според сите стандарди и е најсовремен објект од ваков тип во државата.
МИА