„Адора Инженеринг“ во овој период докупи 2.583 акции со право на глас во „Комерцијална банка“ , потврди Македонската берза со објава на информативната веб базирана платформа СЕИ – НЕТ.
Компанијата која е најголем акционер во „Комерцијална банка“ и чиј најголем акционер е бизнисменот и поранешен политичар Ванчо Чифлиганец, со последните купени акции сега поседува 11,43 отсто од акциите сите акции со право на глас во најголемата деловна банка во нашата земја.
Во последните купени 2.583 акции „Адора Инженеринг“ вложи повеќе од 260.000 евра , според официјалните податоци за пазарната цена на таа акција која во овој период е околу маргината од 6.500 денари за акција. Изгледно е да се очекува дека оваа вест позитивно ќе влијае врз пазарната цена на таа акција.
Во период од пократок од 2 години во повеќе наврати, стратешки и тактички, „Адора Инженеринг“ стана најголем поединечен акционер во најголемата деловна банка во земјава.
„Адора Инженеринг“ кон крајот на ноември продолжи да го окрупнува своето учество во акционерската структура на „Комерцијална банка“. За пократко од еден месец во два наврати оваа компанија вложи над 1,9 милиони евра во акции на најголемата домашна банка и сега поседува 11,11 отсто од акциите со право на глас. „Адора Инженеринг“ на берза во два системски блока плати по 100 евра (6.050 денари пазарна цена н.з.) за акции со право на глас во „Комерцијална банка“. Станува збор за инвестиција од 521.380 евра во акции со што фирмата на Ванчо Чифлиганец, која и досега беше најголем акционер сега поседува до 11,11 отсто од акциите со право на глас во „Комерцијална банка“.Кон крајот на октомври „Адора Инженеринг“ ДООЕЛ вложи 1,4 милиони евра во акции со право на глас во најголемата македонска банка „Комерцијална банка“.
„Адора“ од втората третина на март до почетокот на јули лани вложи околу 10 милиони евра во акции. Многу позитивен преседан во македонската корпоративна историја е тоа што „Адора“ купува акции по пазарни цен на Македонската берза за хартии од вредност. Не доминираа договорени блок трансакции по однапред утврдени цени како што сме гледале досега во повеќе наврати во минатото тргување со различни акции на нашиот пазар. Влезот на „Адора“ и на неколку други компании во „Комерцијална банка“ ги зголеми очекувањата на продавачите на акции и пазарната цена на таа акција почна да расте. Од 3.700 денари во втората третина на март до 5.500 денари во втората половина на јуни. „Адора“ ги следеше пазарните цени и купуваше акции. Продолжи да го зголемува своето учество во акционерската структура и покажа сериозен пристап и континуитет во купувањето.
(Фактор)