Мицкоски едногласно поддржан од највисоите партиски тела да ги води разговорите за техничката влада – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/19 8:13 PM

Мицкоски едногласно поддржан од највисоите партиски тела да ги води разговорите за техничката влада

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва едногласно го поддржале лидерот на партијата Христијан Мицкоски да ги води разговорите и да ги даде предлозите во однос на кандидатите на партијата за идни министри, односно заменици или дополнителни министри во техничката влада.
Ова денеска го изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев по седниците на највисоките партиски тела, нагласувајќи дека целта на оние кои од опозицијата ќе влезат во техничката влада ќе биде да се погрижат за фер, демократски и целосно транспарентни избори кои што ќе се одржат на 12 април.
Истакна дека имаат кандидат за министер за внатрешни работи, но не сакаше да кажува имиња.

-Секако дека имаме и не само за министри за внатрешни работи, но сепак да почекаме, еве лидерската средба е закажан за неполн ден од денеска, така што уште еднаш би почекале да се одвиваат сите овие разговори и преговори во следните неколку денови и секако дека ќе имате можност да разберете за кого станува збор, рече Јанушев.

Во врска со споменувањето на имињата на Андоновски и Георгиевски за министерската позиција во МВР, Јанушев истакна дека не сака да ги подига шпекулациитево однос на ниту едно од имињата.

Мицкоски е едногласно поддржан од највисоките партиски тела  да биде кандидат за мандатар по завршување на изборите на 12 април на коишто ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Јанушев „ќе извојува убедлива победа“.

Едногласно е усвоен и годишниот извештај за работа на претседателот Мицкоски, а на негов предлог од неговиот кабинет е разрешен соработникот Томислав Димитровски, којшто, како што посочи Јанушев „е познат во јавноста по еден немил настан којшто се случи во изминатиот период“.

-Република Македонија се наоѓа во една исклучително тешка состојба. Потребно е да се стават интересите на народот пред партиските и лични интереси. Народот на Македонија очекува надеж, на народот на Македонија му е потребна шанса за подобра живот. Нашата борба е за напредок, за принципи, за вредности и за обнова на Македонија, рече генералниот секретар на партијата.

Јанушев истакна дека неговата партија не ја прифаќа, како што рече, пазарџиската политика на Зоран Заев.

-Во однос на предлогот на Заев за трампа на кандидат за мандатар за неговиот предлог за изборен модел треба сега и секогаш да знае дека оваа пазарџиска политика ВМРО-ДПМНЕ не ја прифаќа. Македонија е многу повеќе од пазар каков што тоа го замислува Заев. Пратеничкиот имунитет на којшто се наоѓа нема да го амнестира од никаква одговорност. Ова се сериозни теми коишто мораме да ги водиме врз основа на принципи и аргументи, рече тој.

МИА