Ќе ги добијат ли штипјани во 2020-та ветените пред три години базени – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/19 4:43 PM

Ќе ги добијат ли штипјани во 2020-та ветените пред три години базени

Штип, кој имаше  градски базен уште од шеесетите години на минатиот век, сега во 21 век има само проекти за аква паркови на хартија. Помпезно најавуваниот СРЦ Брегалница, во рамките на кој што Штип би требало конечно да  добие современ градски базен, веќе три години за штипјани е само фотографија од идејно решение. Дека проектот ќе се реализира еден ден, веруваат и градоначалникот и инвеститорот „Оаза Екстра-Скопско“. Приказната се комплицира со нов проект зa аква парк што го најави градоначалникот во својата програма, што е директна конкуренција на проектот на Оаза. Додека се чека чии интереси ќе надвладеат, штипјани за своите летни задоволства парите си ги трошат во соседните општини кои веќе со години имаат изградени современи аква паркови.

 

Стариот градски базен го продаде претходната локална власт со непосредна спогодба на компанијата ,,Оаза Екстра-Скопско“. Одлуката Советот ја донесе на на 16 февруари 2016 година, а целата постапка за продажбата е завршена повеќе од една година подоцна, на 6 октомври 2017 година. Продадена е површина од 14.970 м2 со цена од 1.080 денари за м2.
Општината од продажбата инкасира околу 600.000 евра а инвеститорот има  обврска на тоа место да  изгради комплекс од базен, хотел, тениски игралишта, спа центри и катна гаража. Иако е инвеститор приватна компанија, проектот познат како СРЦ Брегалница, беше платен од Источно плански регион со пари  од ГИЗ РЕД во висина од 20.000 евра. Проектот сега е целосно сменет, што значи овие пари беа фрлени во вода.

фото: проект СРЦ Брегалница

Денес три години подоцна просторот каде беше Градскиот базен е руина. Пробиени се законски рокови за градба. Сепак општина Штип нема да го раскине договорот со фирмата што го купи базенот и парцелите околу објектите иако договорот вели дека таа имала обврска во рок од шест месеци од денот на склучувањето на договорот за купопродажба да добие одобрение за градење врз основа на дадениот проект од општината, а да го изгради најдоцна во рок од две години по добивање на одобрението на градба.

фото: Штипски базен депонија

Договорот за продажба официјално во Советот на општината  е потврден во октомври 2017, но до ден денешен нема никакви градежни активности, ниту пак е побарано одобрение за градба, како што е законскиот ред.

,,Се работи за еден значаен комплекс за градот, кој што е продаден за одредена сума на пари која што по раскинување на договорот ние како општина ќе треба да ја вратиме а може да се случи и да треба да плаќаме пенали за тоа, но за тоа да не се случи правиме се’ овој проект да успее. Бидејќи станува збор за купен објект, а не за градежно земјиште инвеститорот не мора да плаќа пенали, што не важи и за останатите парцели кои што се околу објектот, за кои што исто така течат рокови“, вели штипскиот градоначалник Благој Бочварски.

фото: Благој Бочварски

ОПОЗИЦИЈАТА СО ОБВИНУВАЊА-ЗОШТО КОГА ИМА ПРОЕКТ ЗА СРЦ БРЕГАЛНИЦА СЕ ФОРСИРА ДРУГ ПРОЕКТ

Штипската опозиција во изминатиот период во неколку наврати на прес-конференција упатуваше прашања до градоначалникот Благој Бочварски зошто како менаџер на општината не се ангажира и не презема ништо во врска со изграбата на СРЦ Брегалница, зошто не иницира средба со инвеститорот за работите да мрднат од мртва точка и наместо тоа интересот на јавноста го насочува во промовирање на друг нов но сличен проект во чија што најава и промоција, според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Штип, Иван Јорданов почнале по обратен редослед “од кровот па надолу”.

,,Сметаме дека  во врска со СРЦ Суитлак, локалната власт нема намера да изгради нешто во интерес на граѓаните  туку да се манипулира и купува време. Не веруваме дека тука ќе никне таков комплекс, имајќи во предвид дека инфраструктурата, доставата на вода неопходна за еден таков комплекс е многу потешко во споредба со локацијата за СРЦ Брегалница“, вели Јорданов.

фото: Иван Јорданов

ИЗМЕНИТЕ НА ДУП ГО КОЧИ ПОЧЕТОКОТ НА АКВА ПАРКОТ

Градоначалникот Благој Бочварски вели дека тој имал средба со инвеститорот Ључо Манџуков, меѓутоа на оваа средба е констатирано дека во согласност со направените измени на ДУП, проекетот за изградба на СРЦ Брегалница сега не соодветствувал со измените на ДУП-от, па проектот е вратен на доработка .

,,Кога ќе бидат направени соодветните измени, кога проектот ќе се усогласи со направените измени на ДУП-от, ќе издадеме градежно одобрение и според она што го договоривме очекуваме таму активностите да започнат на пролет, а веќе на лето Штип да добие базен со тоа што  и паралелно да се одвиваат и активностите за изградба и на другите содржини предвидени со проектот“, вели Бочварски.

,,Заради комплексноста на овој објект и на овој цел комплекс што го имаме ние бараме да најдеме решение да се реализира, за да не дојде до раскинување на договорите, а со тоа и плаќање на пенали од општината на инвеститорот што го купил земјиштето“, додава Бочварски.

АКО ТОБОГАНИТЕ ОД КИНА СТИГНАТ ДО ФЕВРУАРИ НА ЛЕТО ЌЕ ИМА БАЗЕН

Измените на проектот се во тек, но потребно е време, вели Љупчо Манџуков, сопственикот на фирмата која што го купи стариот Градски базен.

,,Поради измените на ДУП-от, според кој на овој простор не е предвидено сместувачки капацитети, проектот што го изработи ИПР каде што се предвидени такви содржини, мора комплетно да се промени, за што е потребно време. Не можам да сфатам зошто толку се инсистира и се зборува околу тој базен кога тоа е веќе приватна инвестиција и официјално Штип само една година е без базен. Тобоганите од Кина се нарачани и доколку стигнат некаде до февруари, мислам дека до летото барем ќе профункционира базенот“, вели Манџуков.

Инаку местото каде треба да се гарди спортско-рекреативниот центар Брегалница го сочинуваат три парцели, освен она што беше купена од општината по пат на јавно приватно-партнерство, останатите две парцели фирмата Оаза екста-Скопско ги купи на јавна аукција. Изградба на хотел на една од парцелите отпадна но одолговлекувањето на изградбата на катна гаража за што е добиено и дозвола за градба, по добиените опомени, за инвеститорот ќе следува и плаќање на пенали на општината.

ПРОЕКТОТ СРЦ СУИТЛАК  ГО СМЕТАМ ЗА КОНКУРЕНЦИЈА

Во меѓувреме додека наметнатите измени на ДУП-от по кои што треба да се адаптира проектот за СРЦ Брегалница го развлекуваат почетокот на градежните работи, штипскиот градоначалник се погласно на јавноста го промовира проектот за СРЦ Суитлак.

,,Форсирањето на овој проект го сметам за конкуренција“, вели Манџуков а и доколку оваа замисла и стигне до јавен повик за како што се најавува Јавно- приватно партнерство планира и да земе учество.

,,Да се добие 64.000 м2 бесплано од општината според мене не би требало да се пропушти“, додава Манџуков.

Додека јавноста се прашува чии интереси ќе надвладеат, или кој СРЦ побргу ќе се направи, штипјани се повеќе губат надеж дека во блиска иднина градот како најголем во Источна Македонија ќе добие било каков базен. До тогаш разладување  од врелите летни горештини ќе се бараат во соседните општини, а досетливи приватни превозници организираат и превоз  до таму.

Со продажбата на Градскиот базен згасна и штипскиот ватерпол клуб ,,8-ми Ноември“ .

фото: Ватерпол клуб ,,8-ми Ноември“

,,Ентузијастите за одржување кондиција по двапати неделно одат да пливат во Куманово,“ вели Тони Даскалов, ватерполист.

Исто се случува и со пливачите од клубот „Челични“. Најупорните патуваат и тренираат по базените низ Македонија.

Штипскиот градски базен е изграден во далечната 1957 година, во 1973 и 1974 се реконструира  поради  првенство во тогашната ЈНА.

Сторијата е дел од проектот ,,Реагирај на вистинското место што го спроведува  „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.