Поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски повторно не дојде на судење и Апелацискиот суд во Скопје не му ги вратил списите во предметот на Основен суд Велес. Ова е епилогот од денешното трето одлагање на почетокот на судењето на поранешниот прв судија на скопскиот Кривичен суд за кривичното дело што му се става на товар и е поврзано со злоупотреба на системот за електронско распределување предмети, наречен АКМИС.
Затоа што обвинетиот Панчевски заминал во странство не му била врачена поканата. Доставницата од поканата за судењето на Панчевски е вратена назад, во Основен суд Велес. Во судница денеска не се појавија ниту адвокатите затоа што едниот не ја побарал поканата, а другиот не бил известен за рочиштето.
Судењето беше одложено и поради тоа што скопска апелација не ги вратила списите од предметот, назад во велешки суд. Повисокиот суд одлучуваше по барањето на Панчевски да се иземање од судење велешкиот суд, го одбил, го информирал судот но не му го врати предметот. Освен скопскиот апелациски и Врховен суд го одбил предлогот на Панчевски за пренесување на месната надлежност на друг основниот суд, со образложение дека тој, како обвинет, не бил законски предлагач.
Пред да го одложи судењето судијката Гајдова издаде наредба до полицијата да утврди дали Панчевски се наоѓа во земјава и на која адреса живее, но и да утврди дали тој месецов ја напуштил државата.
Владимир Панчевски е обвинет дека како прв човек на скопскиот Кривичен суд , го злоупотребувал системот за електронско распределување предмети, наречен АКМИС, со што тој одлучувал кој судија, кој предмет на СЈО ќе го суди. Следното рочиште е закажано за 28 јануари.
Убавка Јаневска