Доколку во Собранието не бидат донесени суштинските закони кои се значајни за животот на граѓаните, тогаш изборите може и да се одложат, изјави денеска премиерот Зоран Заев, додавајќи дека сепак не го посакува тоа.
– Сто пати сум кажал досега дека изборите не треба да се одложуваат, но истовремено должност пред се граѓанска и политичка е да не дозволиме било што да ја закочи реализацијата на она што значи интерес на граѓаните, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со 120-те закони што се на дневен ред на собраниската седница.
На прес-конференцијата во Владата, Заев рече дека нема да им го дозволат тоа на сите оние што се обидуваат да опструираат, но апелираше и до парламентарното мнозинство да биде во собраниските клупи за навремено да се донесат суштинските закони.
Тој додаде дека секој ден следи што се случува во Парламентот и оти одговорност имаат сите – и пратениците и Владата и локалните самоуправи.
МИА