Он лајн купувањата со раст од 14 проценти – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/19 11:01 AM

Он лајн купувањата со раст од 14 проценти

Купувањето онлајн во државава и понатаму расте со забрзано темпо. Спроведената анкета во првиот квартал на 2019 година во државава во која испитаниците се изјаснуваат за направените онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци покажува раст од 14 проценти, односно онлајн купувале 35,9 проценти од интернет корисниците, наспроти 31,6 проценти  во истиот период минатата година, информира Асоцијацијата за е-трговија.

Интернет пенетрацијата во првото тримесечје од 2019 година е зголемена на 81.8 проценти опфат на домаќинствата, наспроти 79,3 проценти во истиот период минатата година. Според резултатите, има подобрување и во начинот на пристап (фиксно широко појасно и мобилно) потребен за вршење на е-трговија. Осумдесет и еден процент од Македонците на возраст 15-74 години употребиле интернет во последните три месеци наспроти 79,2 проценти во истиот период лани. Притоа 72,9 проценти користеле интернет секој ден, наспроти 68,7 проценти лани, при што мажите користеле интернет повеќе (74,9 проценти) од жените (70,8 проценти).

Анализата на Асоцијацијата вo која се користени податоци на Државниот завод за статистика покажува дека Македонците интернетот најмногу го користеле на социјалните мрежи. Конкретно, 70,4 проценти за лично креирана содржина (текст, слики, музика, видеа, софтвери итн.) на веб-страници за да бидат споделени, потоа 70,1 процент за инстант-пораки, т.е. размена на пораки, на пример, преку Скајп, Месинџер, ВатсАп, Вибер и 68,4 проценти за учество во социјални мрежи (креирање кориснички профил, испраќање пораки или други прилози на Фејсбук, Твитер итн.). И понатаму мажите се убедливо повеќе на социјалните мрежи, па така за ставката „ставање лично креирана содржина (текст, слики, музика, видеа, софтвери итн.) на веб-страници за да бидат споделени”  учествувале со 73 проценти, наспроти 67,8 проценти од жените.

Како и во минатата година, така и годинава Македонците најмногу купувале облека и спортска опрема или 35,8 проценти, по што со 10,5 проценти  следат производи за домаќинство и 10,4 проценти електронска опрема. Најголемиот дел од он лајн купувањата 38,8 проценти се од продавачи од нашата земја. Ако во минатото доминантна онлајн трговија била од продавачите од другиот дел на светот, годинава тоа е намалено на 20 проценти, со 11 проценти учество на продавачите од Европска Унија.

МИА