Австралискиот премиер и одговори на Грета: Не сум фокусиран да ги импресионирам луѓето од странство – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/19 11:11 AM

Австралискиот премиер и одговори на Грета: Не сум фокусиран да ги импресионирам луѓето од странство

Масовните пожари во неколку австралиски држави доведоа до вонредна ситуација во Австралија. Во повеќе од 200 пожари во четири австралиски држави, изгореа околу три милиони хектари во текот на последните неколку месеци, девет лица го изгубија животот а повеќе од 800 домови се уништени.

Еколошката активистка, Грета Тунберг, во објава на твитер ја искритикува улогата на Морисон во решавањето на вонредната ситуација. Таа запраша зошто ни ваквите катастрофи не предизвикуваат акција од политичарите.

Нејзината објава е поделена повеќе од 170.000 пати а доби и одговор од премиерот Морисон.

Морисон наведе дека со својата политика е фокусиран на интересите на Австралија, а не на импресионирање на луѓето од странство.

„Австралија и австралиската влада ја поставуваат својата политика во однос на австралиските национални интереси. Тоа е мојот фокус“, рекол Морисон, а пренесува „Њу Зеланд хералд“.

Морисон беше критикуван бидејќи за време на вонредната ситуација отиде на фамилијарен одмор во Хаваи.

„Не е мое да коментирам што луѓето надвор од Австралија мислат дека Австралија треба да прави. Ние ќе го правиме она што мислиме дека е исправно за нас. Тоа отсекогаш е мојот водечки принцип“, додаде Морисон, кој прими неколку критики во врска со актуелната катастрофа и ставот на владата за климатските промени по одбивањето да ја намали австралиската јаглена индустрија.