Пронајдени коски во изгорената куќа на Паунови во комплексот Варналиите. ОЈО ќе ги испрати до Институтот за судска медицина да утврди дали се на 80 годишниот Миле Паунов. Ни денеска нема реакција на Заводот за заштита на културни споменици по пожарот во кој изгореа две заштитени куќи во комплексот Варналиите во Велес.
Крим техничарите на СВР Велес во присуство на Јавен обвинител денеска најдоа остатоци од коски на парцелата на која се наоѓаше заштитената со закон куќа на Паунови, во комплексот Варналиите во Велес. Се претпоставува дека се на 80 годишниот Миле Паунов. Коските се пронајдени во куповите на гараж од изгорено дрво, мебел и предмети. Потрагата продолжува и по други можни остатоци од човечко тело. По наредба на обвинителката тие се собираат за да може да се издаде обвинителската наредба за утврдување на идентитет поточно на кого му припаѓаат. ДНК анализата ќе треба да ја работи Институтот за судска медицина. Оваа институција треба да потврди дали се работи за коските на Миле Паунов, рече, Гордана Тодорова Основен Јавен обвинител на Велес.

Крим техничарите работат и на утврдување на причините од што избил пожарот во куќата на Паунови. Огнот ја изгоре и куќата на Маневи, втора, заштитена со закон и прогласена за културен споменик на Велес. Државата има голема вина за неодржувањето на заштитените куќи, смета Градоначалникот Аце Коцевски.
– Јас лично сум влегувал во објектите кои вие ги спомнавте и навистина и жителите навистина живеат во ненормални услови за живот. Провев има од сите страни. Почнуваат да се распаѓаат а општеството ништо не превзема. Треба од ова да се извлечат поуки но, до денеска ниту еден претставник на надлежната институција за заштита на спомениците на култура не дојдоа да прашаат што се случи со објектите, рече Коцевски.
Коцевски најави од Општина Велес за семејството Маневи, кои останаа без покрив над глава и привремено се згрижени кај роднини.
Куќите на Паунови и на Маневи, кои изгореа во петокот ноќта , се дел од комплексот Варналиите. Изградени се во 1868 година и заштитени со закон во 1964 година. Досега беа дел од повеќе играни филмови и промотивни видеа за Велес.
Убавка Јаневска


