Радост, многу насмеани лица и позитивна атмосфера преовладуваше денеска во Штип, на отварањето на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост.
Во ново пространо место и добро опремен простор, лицата со интелектуална попреченост над 18 години ќе може да се социјализираат но и да се стекнат со одредени вештини кои ќе им помогнат да се осамостојуваат. Ова е голем чекор не само за лицата со попреченост туку и за нивните семејства, согласни беа родителите и присутните гости меѓу кои и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Сега кога ќе има луѓе кои ќе работат со нашите деца, ние родителите ќе бидеме послободни и ќе имаме помалку грижи, смета родител на 39 годишно лице со попреченост.
Едно општество да биде хумано, тоа мора да покаже солидарност и грижа за оние на кои што им е најпотребна, рече Царовска.
„Ова е навистина голема и важна работа. Некој ќе рече дневен центар е ситно поместување во социјалната заштита , ние ќе кажеме тоа е огромно поместување во животот на секое лице кое ќе доага овде. Затоа што од една страна ќе може да биде во контакт со општеството и заедницата, но ќе може и да се стекне со одредени вештини. Навистина сум среќна што кога дојдов овде тие со рацете работеа одредени работи со кои што понатаму не само што се чувствуваат реализирано на крајот на денот туку од друга страна работно се рехабилитираат“, изјави Царовска.
Претседателот на републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост, Чедомир Трајковски, рече дека сервисните служби се на врвот на приоритетите на „Порака“. Тој смета дека ваквите центри се почеток за нивно осамостојување и самостоен живот и право да одлучуваат како и каде ќе живеат.
Градоначалникот Бочварски смета дека отварањето на ваков капацитет е многу значајно за градот.
„Ние во само три средби успеавме да реализираме нешто што е многу значајно за нашата општина. На првата средба се договоривме. На втората средба го видовме и се договоривме да го реконструираме овој простор а на третата средба еве го ставаме во функција. Кога заедно се работи, со заеднички сили и енергија се покажува дека имаме огромни и брзи резултати. Така ќе продолжиме и во иднина заради тоа што ова општество мора да биде рамноправно и еднакво за нашите сограѓани“, рече Бочварски.
Дневниот центар ќе има капацитет да смести 20 лица, а е тројно партнерство меѓу општина Штип, министерството за труд и социјална политика и „Порака“, со поддршка на основното училиште „Гоце Делчев“.


