Милевски: Општините продолжија да генерираат нови долгови – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/19 1:55 PM

Милевски: Општините продолжија да генерираат нови долгови

Владата минатата година издвои 50 милиони евра од државниот буџет, со кои сите општина добија пари да платат половина од своите долгови, меѓутоа, во пракса,  се’ уште има блокирани општини. Во Министерството за локална самоуправа нема информација за тоа колкав број на блокирани општини се работи, бидејќи тоа е податок со кој располага Министерството за финасии. Ова денеска во Штип го изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, според кој и натаму има општини со блокирани сметки.

-И покрај тоа што владата одвои 50 милиони евра за општините да ги платат долговите, дел од општините продолжија да генерираат нови долгови. Се’ уште постои проблем кај дел од општините во областа на образованието, враќањето на долговите, кредити кои што се ненаменски земени. Има проблем и зависи од сегашните градоначалници наменски да ги трошат парите и располагаат со буцетот. Некои не ги трошат парите, им стојат на сметка, а дел немаат доволно пари за да ги реализираат проектите и тоа е за жал, реалноста кај нас, рече министерот Милевски.

Пред доаѓањето на власт, во изборната кампања актуелната владејачка коалиција најавуваше повеќе пари за општните, преку одвојување на поголем процент од данокот на додадена вредност (ДДВ). Тоа и по две и пол години не се случи. Законските измени од педесетина напишани страници со предлози како да им се дадат поголеми надлежности на општините, како што е погоелма ставка од ДДВ, општинска полиција, самостојност во културната дејност и други обврски, засега остануваат во фиока до изборот на нова влада. Најавените предвремени избори и формирањето на техничка влада, која нема надлежност да спроведе постапка за вакви измени, целосно го запреа процесот на децентрализација. Министерот Милевски објасни дека овој труд од речиси половина година може целосно да падне во вода, доколку дојде некој нова влада, која нема интерес да ги спроведе измените.

– Предвидовме отворени листи за локални избори, намален број на советници,  односно намалување на трошоците за да останат повеќе пари за инвестиции. Се разбира, некој нов министер или некоја нова влада може да го ревидира ова, да направи подобро решение, најважно е да продолжи процесот на децентрализација, изјави мининистерот Милевски.

Документот со предлози за околу стотина закони, со кои ќе се обозможи идна денцентрализација, е во драфт верзија, која не ни стигна да се сподели со општиата јавност и да се чуе мислењето на опозицијата. За измена на Законот за локална самоупра, како што се предлага, треба двотретинско мнозинство.

Ова е состојбата и по дваесет години вложувања во развојот на општините од страна на Швајцарската амбасада во Македонија. Од таму очекувањата се силни општини , иако веќе може да се забележи прогрес.

-Она што е за нас особено важно е да видиме силни општини, кои самостојно ќе можат да ги прибираат своите приходи и даноци, за да можат да продолжат со своите инвестиции, а не да зависат од централната власт.Она што е уште поважно, кога се работи за инвестициски проекти, одлуките за тоа во што ќе се вложи, да се донесат преку партиципативен начин, со учество на сите заинтересини страни, бидејќи се покажа од пракса дека тоа е возможно преку проектите што ние ги спроведуваме,  рече швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Теада.

Амбасадорката  најави дека и следната година останува поддршката за општините за регионален развој преку грантовата шема во соработка со Министерството за локална самоуправа и осумте планските региони.