Maлешевци со марш го чествуваат војводата: Русиново со четири обележја го чува споменот на Даме Груев – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/19 6:59 AM

Maлешевци со марш го чествуваат војводата: Русиново со четири обележја го чува споменот на Даме Груев

Со децении во пресрет на 23 декември, денот кога во 1906 година кај Русиново загинал Даме Груев, Малешевци го одржуваат традиционалниот марш до местото на загинувањето во месноста Петлец и чествуваат пред обележјата што ги подигнале во чест на апостолот и неговите соборци во Русиново, каде што Груев и почивал до 1953 година, кога неговите посмртни останки биле пренесени во неговото родно Смилево

„Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“ е една од познатите пораки на големиот македонски револуционер Даме Груев (1871-1906). Крајот на неговиот млад живот бил во битка, една од многуте што ги имал. Но, за жал, не ја дочекал слободата на Македонија, за која од млад се борел. Сепак, неговото дело остана врежано, а неговиот лик и денес се почитува и чествува. Така е и во Русиново, најголемото беровско и малешевско село, во чија близина загинал Даме на 23 декември 1906 година.

„По врвиците на Даме Груев“

Со години жителите на селото, но и беровци, пехчевци, како и луѓе од другите малешевски населби, секоја година во очи на трагичниот ден го организираат маршот „По врвиците на Даме Груев“. Редовно по неколку стотици луѓе, повеќето пеш, а некои на коњ, со џип или трактор, го искачуваат патот од седум километри од Русиново до месноста Петлец, под истоимениот планински врв, каде што во 1906 година загинал големиот македонски револуционер. Така е со децении. И кога врне дожд и кога вее снег. Годинава имаше два марша, две чествувања. Првото, во четвртокот, го организираше месната заедница од Русиново со поддршка на беровската локална самоуправа, а второто, вчера, го организираше ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Берово во соработка со месниот комитет во Русиново.

– Во чест на апостолот Даме Груев, маршот и целата програма на чествување ја организараме повеќе од половина век. Така ќе биде и во иднина. Неговото дело не го забораваме – велат жители на селото.

Чествувањето обично почнува со панихида на гробиштата (горе), а продолжува со положување цвеќе пред бистата на Груев во Русиново (долу)

Почит на Груев секоја година му се оддава на сите четири обележја во атарот на селото што русинци, беровци и Малешевци ги подигнале во негова чест. Првин со положување свежо цвеќе пред спомен-бистата на Даме во центарот на Русиново, потоа и со панихида пред спомен-плочата на гробиштата до црквата во Русиново каде што почивал Груев до 1953 година, кога неговите посмртни останки биле пренесени во родното Смилево. Чествувањето продолжува на Петлец, прво кај спомен-чешмата подигната во 1953, на стогодишнината од Илинденското востание, за да заврши со собир и заеднички ручек кај местото на самото загинување на Груев, каде што исто така има поставено паметник.

На марш од Русиново до Петлец повеќето пеш (горе), а некои на коњи, со трактори… (долу)

Во Русиново  Даме застанал на пат од Солун кон Пиринска Македонија

Даме Груев во Русиново застанал на пат од Солун кон Пиринска Македонија и Софија. Со дружината се сместиле во куќата на Алаѓозови, каде што требало и да преноќат. Но, веројатно поради предавство, малата дружина била нападната од аскерот.

Кај куќата загинале соборците на Даме, Сандо Китанов и Ѓорѓи Попстојанов. Груев со Атанас Карчев и курирот Глигор Митов, кој немал оружје, тргнал кон Петлец. Бил ранет во ногата, а од крвта останувале траги во снегот. Аскерот ги следел. Бидејќи бил без оружје, Даме му наредил на курирот Глигор, да ги напушти, да не биде лесна жртва. Во нерамната престрелка потоа, тој и Карчев загинале.

Утредента русинци во еден гроб на гробиштата  во Русиново ги закопале Груев, Китанов и Карчев, а Ѓорѓи Попстојанов бил погребан на гробиштата во соседното Владимирово, од каде што бил. Освен Даме Груев и неговите соборци, жртви биле и сопствениците на куќата, Димитар и Божана Алаѓозови, кои без објаснување биле стрелани од заптиите.

Обично со заеднички ручек на Петлец завришува чествувањето: Од собирот пред неколку години

ТЕЛАТА ИМ БИЛЕ ОТКОПАНИ ЗА ДА СЕ ВИДИ ДАЛИ МЕЃУ УБИЕНИТЕ Е ГРУЕВ

Набрзо по крвавиот настан и погребот на гробиштата, телата на Груев и неговите соборци биле откопани.

– Турските воени власти во прв момент не знаеле дека меѓу убиените е и големиот револуционер Даме Груев. Кога во истрагата дошле до такви индикации, околу Божик било наредено да се откопаат и фотографираат загинатите. Фотографирањето по наредба го извршил беровецот Гаврил Зографот. Неколку дена подоцна се потврдил идентитетот на Даме и неговите соборци, по што им биле дадени одликувања на војниците што учествувале во акцијата – велат во беровскиот Музеј.