(ГАЛЕРИЈА) Танец блесна на Новогодишниот концерт – ММС
ММС

Објавено на: 12/22/19 12:15 PM

(ГАЛЕРИЈА) Танец блесна на Новогодишниот концерт

Националниот анасамбл „Танец“ во петокот го одржа својот Новогодишен концерт, со кој беше одбележан 70-годишниот јубилеј. После серијата коцертни чествувања низ градовите низ земјава и меѓународните претставувања во Франција, Шведска и Австралија, „Танец” настапи заедно со своите гости од Србија, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Коло”, ја исполни сцената на МНТ со бесценетите антологиски кореографии на „Тешкото”, Невестинското”, „Драчевка”, потоа уникатното „Старобосанско немо коло”, српските игри од Стара Планина, од Западна Србија и Босилеградскиот крај, како и повеќе оркестарски ора и песни, меѓу кои и познатото „Касапско оро”, популарните „Не стој Доне, Донке”, „Ој, Мораво” и многу други. На сцената излегоа над 120 учесници, а капацитетот на Македонскиот народен театар беше мал за да ги покрие со билети сите љубители на врвниот музичко-сценски фолклор.

Своевиден куриозитет на концертот беше премиерната изведба на новата кореографијата со наслов „Радовишки собор” на нашиот истакнат играорец и кореограф Јовица Блажевски, претставник на последната генереција кореографи на Танец” кој зад себе како автор ги има и веќе добро познатите постановки „Посеље”, „Кумановка”,„ Малешевка” и „Пијанец”, кои последниве години ја одушевуваат публиката дома и надвор од земјава. Блажевски подолг период го истражуваше радовишкиот регион и од собраните материјали на теренот одбра новата кореографска творба да ја темели врз изворните радовишки соборски ора „Кукурику петле”, „Ситната”, „Трченица”, „Тоска” и „Маца вода лие”, како и ороводната песна „Покрај, накрај Кате”. Во негов стил, карактеристичен и за претходните постановки, тој главно се базира врз изворните чекори на споментите ора, со вешти кореографски адаптации во духот на македонската играорна традиција.
Музичката обработка на споменатите традиционални ора му е доверена на познатиот македонски хармоникаш, композитор и аранжер Дарко Илиевски, воедно и долгогодишен знаменит член на оркестарот на „Танец”.

„Танец” во оваа важна година го издаде и своето најново ДВД издание на кое се наоѓа спектакуларниот јубилеен концерт на ансамблот кој се одржа во МОБ во јуни годинава, и кој ќе остане запаметен по сектакуларните изведби во модерниот амбиент постигнат со најновите технологии на 3Д мапирање.

Посебна вредност за одбележување на 70-годишнината на „Танец” има и најновата двојазична монографија, чие претставување пред  јавноста му претходеше на Новогодишниот концерт. Книгата „Остани во чекор” е посветена на десет антологиски кореографии од репертоарот на „Танец”, а автор е познатиот македонски етномузиколог Кирил Тодевски. Преводот на англиски го направи  Марија Џонс, а издавач е Арс Ламина. Публикацијата содржи комплетни нотографии сите десет корепграфски постановки направени од Марко Коловски, а изобилува и со богат фотографски материјал од архивата на ансамблот. Нејзиниот луксузен изглед го даваат прекрасните фотографии, кои специјално за книгата и приликата ги направи познатата фотографка Маја Аргакијева.