Расипани бојлери, печки на палети кои што не функционираат, надминати рокови за поправка на расипана технологија се проблемите за кои најчесто се жалат штипските потрошувачи во Канцеларијата на потрошувачи која во Штип функционира како Советодавно биро на потрошувачите.
Она што е интересно и се случува често во последно време е ситуацијата кога самите сервисери ги препраќаат потрошувачите во Канцеларијата на потошувачите, вели Снежана Папарова претседател на Организацијата за заштита на потрошувачите во Штип.
,,Во канцеларијата потрошувачите ги кажуваат своите проблеми и тука добиваат совети за тоа кои се постапките за да си ги заштитат своите права, а за проблематичните случаи ги упатуваме во пазарната инспекција или другите соодветни институции. Многу е битно потрошувачите да знаат дека расипаните производи не треба да се чуват повеќе од 30 дена и доколку во тој рок не се направи поправката ,потрошувачот треба да добие нов производ или да му се вратат парите,“ вели Снежана Папарова претседател на Организацијата за заштита на потрошувачитево Штип.
Битно е , потенцира Папарова, да се знае и тоа дека со секое продолжување на рокот за средување на поправката за толку треба да се продолжи гарантниот рок на производот.
За да можат потрошувачите да реагираат доколку сметаат дека им се прекршени нивните потрошувачки права, треба и да ги знаат тие права. За таа цел Канцеларијата за заштита на потрошувачите Штип изработи лифлет во кој што се поместени основните права на потрошувачите како и институциите каде што можат тие да се жалат, вели Митруш Петров ,правник волонтер во Организацијата за заштита на потрошувачи во Штип.
,,Обезбедување на основните потреби на граѓаните за достапност на најнужните производи и услуги како храна, облека, станбен простор, здравствена заштита, образование и хигиена, се основните потрошувачки права, но не се само тие, тука е правото за надомест на штета за производи и услуги кои имаат несоодветен квалитет и од кои е предизвикана штета, безбедност на производите и услугите, право на информираност, т.е право на вистинито и навремено информирање преку медиумите, компаративно тестирање на производи и услуги, потоа создавање на механизам за учество на граѓаните во креирањето и спроведувањето на политиката за заштита на потрошувачите на сите нивоа, кога се одлучува за нивните економски интереси и здравјето“, вели Петров.
Во основите потрошувачки права спаѓаат и едукацијата на потрошувачите за нивните права, преку образовниот процес, почнувајќи од најмалите потрошувачи- децата, можноста за избор помеѓу повеќе производи и услуги со гарантиран квалитет, по пристапни цени и секако правото за здрава животна средина.

Лифлетите , информира Папарова, се поделени во сите поголеми маркети во градот и лично меѓу граѓаните по најфреквентите улици во градот.
Програмата за заштита на потрошувачите ја спроведува Министерството за економија. Во негови рамки делува Секторот за внатрешен пазар во чии состав е и одделението за заштита на потрошувачите.


