„И да имам одлично платено работно место, пак би се занимавала со оваа работа што ја работам 13 години и од која пред два месеца само за два часа заработив 2.000 евра“, рече сексуалната работничка Мина, по што следуваа многу коментари од слушатели, како „тие 2.000 евра се ништо во однос со она што го заработуваат оние што се занимаваат со политичка проституција“…
Невладините организации имаат сознанија за околу 1.000 жени, мажи и трансродови луѓе што доброволно даваат сексуални услуги, иако, бидејќи нема официјална статистика, се проценува дека ги има и значително повеќе. За нивната состојба и положба во општеството, за насилството, дискриминацијата и стигмата кон нив, како и за потребата од декриминализација на тој вид сексуални услуги денеска се разговараше во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“.
– Ние се залагаме за декриминализација, а тоа значи укинување на сите одредби со кои на било каков начин се санкционираат оние што доброволно даваат сексуални услуги за пари или некаков друг надоместок. Значи, слободно да може да се организираат – дали во бордели, дали тоа ќе го работат на улица, во соите домови. Светските искуства во врска со декриминализацијата укажуваат дека тоа е најдобриот модел во кој сексуаните работници се слободни да одлучуваат за времето, начинот и местото на давање на услугата, во случај на насилство слободно пријавуват, а надлежните ги пронаоѓаат и казнуваат сторителите. Секој треба да биде слободен да прави со своето тело што сака, додека не загрозува некој друг – рече адвокатката и граѓанска активистка Наташа Бошкова од ХОПС, која беше гостинка во студиото.
Таа истакна дека најлиберални на овој план во светот биле Нов Зеланд и австралиски Нов Јужен Велс, а меѓу најконзервативните и најстроги биле САД. Во земјите од некогашна СФРЈ состојбата била слична како во Македонија.
Телефонски во емисијата се вклучија и професорите Мирјана Најчевска и Иван Анастасовски, кој пред петнаесетина години беше еден од неколкутемина пратеници што во Собранието на Македонија поведоа иницијатива за легализација.
– Државата треба да го има ова под контрола. Се’ што е забрането луѓето го употребуваат и злоупотребуваат. Ако влезете во решавање на овој проблем или феномен, треба да бидете подготвени на шиканирање и омаловажување во општеството. Тоа го увидов и јас тогаш. Дебатирав и со пратенички, ги разубедував – нагласи Анастасовски.
Телефонски во емисијата учествуваа и две сексуални работнички. Изразија задоволство од својата професија, но се пожалија на нерегулираниот статус, честите физички и сексуални напади врз нивни колешки, а кога делото се пријавувало полицајци и судии си играле мајтап со нив.
– Во оваа дејност сум 13 години. Имам и друга работа, не сум само на неа. Но и кога би имала многу добро платено работно место, пак би се занимавала со ова. Некои од тие што знаат со што се занимавам ме прифаќаат, други ме дискриминираат, во зависност од нивната култура. Досега најмногу пари имам заработено пред два месеца, кога за два часа добив 2.000 евра. Зошто да се борам со сиромаштија кога можам на чесен начин да живеам убаво – рече Мина.
По неа, во програмата веднаш се јавија неколкумина слушатели. „Тие 2.000 евра се ситниш за она што го заработуваат оние што се занимаваат со политичка проституција“, прокоментира еден. „Возев девојче во таксито и кога на радио ја слушна Мина како вели дека за два часа заработила 2.000 евра, само рече – ‘зошто да студираме’“, беше коментарот на слушател-таксист.