Британските пратеници го изгласаа планот за напуштање на ЕУ на 31 јануари – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/19 6:53 AM

Британските пратеници го изгласаа планот за напуштање на ЕУ на 31 јануари

Британските пратеници вчера го изгласаа предлог-законот на премиерот Џонсон за Брегзит. Пратениците и понатаму може да влијаат на законот, но ова значи дека Брегзит-договорот на премиерот засега ја има нивната поддршка.

Борис Џонсон го „спакува“ Брегзитот за Божик, откако британските законодавци во петокот гласаа за поддршка на неговиот предлог-договор за повлекување.

Ова значи дека Велика Британија е законски обврзана да ја напушти ЕУ на 31 јануари и да преговара за договор за идните односи со ЕУ до крајот на 2020 година во таканаречениот „период на транзиција“.

Предлог-законот беше поддржан од големо мнозинство од 358 пратеници наспрема 284.

„Денес ќе го оствариме ветувањето што го дадовме пред народот и ќе го спакуваме брегзитот за Божик“, рече Џонсон пред гласањето, кое доаѓа само еден ден откако парламентот официјално беше повторно отворен.