Панел „Како да се вратиме дома”: Државата најмногу губи од иселувањето на младите – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/19 3:48 PM

Панел „Како да се вратиме дома”: Државата најмногу губи од иселувањето на младите

Младите луѓе се иселуваат поради исполитизираност, недостиг на правна држава, разочараност, недостиг на мотивација, лош систем, катастрофално образование… Според податоците од меѓународни институции и граѓанскиот сектор, околу 74 проценти од младите си заминуваат за да најдат работа, над 36 отсто заминуваат за подобар живот. Исто толкав процент заминуваат поради континуираната нестабилност во политичката ситуација. За да образува еден млад човек државата ја чини приближно 29.000 евра, за да тој потоа на 23 години ја напушта земјата и инвестира во друго место. Со секој млад човек што заминува од земјава државата годишно тоа ја чини околу 15.000 евра.

Ова беа заклучоците на панел дискусијата „Како да се вратиме” дома, организирана од Асоцијацијата за едукација Младиинфо интернационал.

Претседателот Стево Пендаровски кој говореше на панелот, истакна дека проблемот со иселувањето на младите е актуелен години наназад, не е само од сега и треба да престанеме да се обвинуваме во чие време повеќе млади заминале, бидејќи на тоа прашање никој нема да добие поени во меѓупартиските препукувања.

– Една моја изјава беше доста коментирана која ја дадов на една младинска конференција во Нови Сад и комплетно стојам зад таа изјава. Кога би бил на ваши години и кога не би бил претседател и ако ми речат дека треба да чекам на преговори со ЕУ уште 15 години заради некоја нова методологија, или дека треба да влеземе во НАТО после 20 години формално држејќи го тој кандидатски статус. И ако ми кажат дека преговорите со ЕУ траат се подолго и подолго и дека е прашање дали денес да почнат дали ќе завршите за десет години. И ако ми кажат дека во 90-та година со реевалуација, нашите тогашни плати денес би биле 500 евра, ние сме сега на 405, 410, и дека за следните 20 години ќе биде 600-700 евра, јас не би седел овде, рече Пендаровски.

Оцени дека треба на младите луѓе треба да им се даде шанса да успеваат овде со тоа што прво нема да им се бара партиска книшка за вработување, и ако, како што рече, некој партиски апаратчик на кое било ниво има шанса пред вас да се вработи, тогаш алтернативата е – или да влезете во партија да се вработите или да се отселите. Посочи бројки од едно истражување од 2004 година, според кое 338.000 полнолетни граѓани биле дел од политичка партија, што, како што истакна, е највисок процент по глава на жител за членство во партија во Европа.

Подвлече дека партиската припадност треба да се тргне на страна, и тоа да не биде единствен критериум за вработување, туку прво професионалните вештини, па знаењето.

– Најголемиот доказ дека политичките елити се помалку или повеќе кабает, е што не можеме да направиме попис 20 години. Не ни требаат снимките на Заев да знаеме дека пописот во 2011 не успеа затоа што големите политички лидери во тоа време видоа дека има многу малку луѓе и не можеш да продаваш реторика дека си најголем политички реформатор во светот ако луѓето ти бегаат. Затоа не успеа пописот. Уште од сега ви гарантирам дека нема политичар во оваа држава ако не се плаши од бројките што ќе ги види. Сега сигурно не им половина милион помалку од кога бевме во поранешна Југославија, оцени Пендаровски.

Според него, причина за иселувањето на луѓето воопшто, не само на младите е и недостигот на правна држава.

– Денес сосем е јасно дека правна држава не постои на нивото на зрелите европски демократии. После 30 години ние ден денес зборуваме за афери во кои е јасно дека правото селективно се применува. Не е само аферата „Рекет” што ни ги отвора очите, имаше многу афери и претходно, ќе има и многу афери потоа, имате луѓе кои се заштитени мечки во системот кои имат доволно моќ, по мое убедување тоа се повеќе во економската сфера, отколку во политичката, иако години наназад имавме и политичари кои беа многу моќни, кои диктираа судски пресуди. И ако законот не важи еднакво за сите, од обичен граѓанин до претседател на држава, тоа не е правна држава, истакна тој.

Претседателот подвлече дека ние сме премногу исполитизирано општество и тоа е една од глвните причини што ги нервира и ги фрустрира младите, но тоа е значајна стапка зошто заминуваат. – Клучната болка за државата е клиентелизмот – јас ќе те гласам, а ти ќе ми вратиш, заклучи претседателот Пендаровски.

Во однос на плановите на Кабинетот на претседателот насочени кон младите, Пендаровски ги издвои проектите „МКД 2030″ и „Лице в лице со претседателот”. Во првиот, според него, се вклучени околу 40 луѓе од кои половина се млади. – МКД 2030 е еден предлог како треба да се развива нашата земја, Северна Македонија треба да фати чекор со развиените економии, бидејќи како што рече Пендаровски, еден од начините како да ги задржиме младите дома е преку зголемување на платите.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека во последно време посетил многу средни училишта во земјава и зборувал со околу 500 млади лица во последниот месец и секаде ја добил истата порака. – Младите сметаат дека никој не ги слуша, дека на владите не им е грижа за нив. Имаше едно истражување на Фридрих Ерберт и на Младински образовен форум, кои покажуваат дека 60 проценти од испитаниците сметаа дека немаат пристап до властите и дека на политичарите не им е грижа за нив, рече Жбогар.

Според него, младите бегаат од лошите политики во здравството, во образованието, сметаат дека можат да добијат работа или само преку „врски” или преку политичка партија, исто така сметаат дека 50 проценти од оценките се „купени”.

– Во Словенија не е така. Земјата е целосно поинаква. Политиката не ги окупира нашите животи, ниту промената на власта. Овде кога зборуваме во македонски контекст, имате две партии, две коалиции и тоа е единствениот избор што го имаат луѓето, оцени тој.

Жбогар го критикуваше образовниот систем, кој како што рече е катастрофален, нема опрема, лаборатории, услови, македонските ученици се на дното на ПИСА тестирањето, и самите родители ги праќаат своите деца во странство за да им обезбедат подобри услови за учење.

Евроамбасадорот најави за следната година проект вреден девет милиони евра што ќе биде насочен кон млади луѓе, кои сакаат да основаат свое претпријатие или старт ап и овие средства ќе дадат поддршка, како за основање на стар ап, така и менторирање и обука на компаниите.

– Оние кои сакаат да останат дома почесто веруваат дека земјата ќе стане земја-членка на ЕУ, дека ќе отвори преговори а оние кои заминуваат не веруваат дека тоа ќе се случи. Постои корелција меѓу европската иднина на оваа змеја и иднината која младите ја гледаат во земјата. Ние како Европејци имајќи ја предвид таа корелација можеме нешто да направиме. Верувам дека по една многу лоша година во оваа област, може да ја почнеме 2020 со повеќе надеж и тоа би било уште едно делче од оваа сложувака за да ги задржиме младите дома, оцени евроамбасадорот.

Отто Граф, заменик-амбасадор на Германија во Северна Македонија, рече дека колку и да сме среќни што многу млади луѓе од Северна Македонија сакаат да заминат во Германија, мора да признаеме дека имаме интерес во тоа Северна Македонија добро да се развива.

– Тука имаме многу германски инвеститори кои отвораат добро платени рабтони нместа и се обидуваме да го промовираме стручното образование. Сметам дека е многу важно младите луѓе да имаат професија што ќе имаат каде да работат. Младите луѓе што добиваат стручни обуки имаат избор да останат во Северна Македонија и да напредуваат во компанијата во која што работат или пак да заминат на извесен период во Германија, рече тој.

Оцени дека за Северна Македонија е важно да нема повеќе луѓе што заминуваат од земјата, отколку луѓе што се враќаат, и тоа е прашањето со кое треба да се справиме.

– Има области во кои можат да се развиваат добри работни места во Северна Македонија, на пример дигиталната економија, затоа што во оваа област работните места не зависат од местото во кое живеете. Може да работите во својата земја, добро да заработувате, и да бидете опкружени со семејството и пријателите. Тоа е многу привлечен концепт. Затоа треба да се преземе одлука во која насока треба да се движи Северна Македонија. Дали ќе продолжи да се фавозириза индустриското происводство, или пак ќе се насочиме кон дигиталната економија, каде што има и нови можности. Кога овие работи подобро ќе се дефинираат, полесно ќе биде за младите луѓе да направат добар избор за себе, подвлече Граф.