Со 4,2 милиона денари, пари од државниот буџет, Крушево ќе го реконструира полетувалиштето за параглајдерство на Мечкин Камен и ќе изгради објект за следење на натпреварите, канцелариски простор за учесниците и други содржини. Ова доаѓа по владината одлука да го прифати барањето на Оштината за изградба на дел од инфраструктурата на полетувалиштето за параглајдерство.
Според владиното соопштение, прифатено е од државниот буџет да бидат одобрени 4,2 милиони денари за финансирање на проектот „Изградба на дел од инфраструктура во Центар за параглаjдинг во Крушево”.
За крушевскиот градоначалник Томе Христоски ова е одлична можност за обнова на она што е потреба за домашните и за светските параглајдеристи кои одржуваат првенства во Крушево поради одличните услови за параглајдерство и за змејарство.
-Крушево ќе добие нов реконструиран параглајдинг-центар на веќе постојното полетувалиште на Мечкин Камен и контролна кула за следење на натпреварите за параглајдерство и за змејарство за во 2021 година да бидеме подготвени за светското првенство во змејарство и за многу други меѓународни натпревари кои ќе следуваат, вели Христоски.
МИА