Вкупно 32,9 отсто од средношколците од Скопје биле пратени кај училишниот психолог поради недисциплинираност, а 15 отсто поради голем број изостаноци. Ова го покажа истражувањето „Перцепции за менталното здравје помеѓу средношколците во Скопје”, што Здружението на граѓани „Младите можат” го спроведе оваа пролет.
Како што соопшти Здружението на граѓани „Младите можат”, овие податоци беа инспирација за панел дискусијата „Ќе те пратам кај психологот! – Казна, закана или поддршка” што се одржа синоќа во МладиХаб во Скопје.
– Целта на овој настан беше да се поттикне дискусија за улогата на училишните психолози во негувањето на менталното здравје кај учениците, да се презентираат наодите од истражувањето за перцепциите на средношколците поврзани со менталното здравје, како и резултатите од програмата за врсничка едукација за менталното здравје, се вели во соопштението.
Гордана Блажевска Спиридонова, психолог во СУГС Гимназија „Никола Карев”- Скопје во своето излагање посочила дека последните три години сѐ повеќе средношколци прашуваат и бараат помош, сакаат да се грижат за нивното ментално здравје.
– Уште сме на почеток на пронаоѓаме во темава, училиштето е неподготвено да одговори на проблеми неповрзани директно со образовниот систем, како што е менталното здравје и дијаметрално различната перцепција на децата, возрасните и установите во врска со психолозите, истакна Блажевска Спиридонова.
Од Здружението на граѓани „Младите можат” информираат дека изработен е Прирачник за врсничка едукација за ментално здравје, кој е достапен во електронска форма, за сега само на македонски јазик. Може да се погледне на веб-страницата на Младите можат и е наменет само за млади кои поминале соодветна обука за врсничка едукација.
Истражувањето „Перцепции за менталното здравје помеѓу средношколците во Скопје”, како и програмата за врсничка едукација за ментално здравје се дел од едногодишниот проект „You(th) can do it better!” кој „Младите можат” го имплементира во 2019 г. со поддршка од најголемата германска младинска фондација „Schuler Helfen Leben”. Панел дискусија е завршен настан на проектот, но менталното здравје на младите останува во фокус во работата на „Младите можат” и наредната години.
МИА