Личните податоци на повеќе од 267 милиони корисници на социјалната мрежа Фејсбук се достапни на интернет, предупредува британската компанија Comparitech.
Според неа, пристап до базата на лични податоци (имиња, телефонски броеви и други информации) може да добие секој корисник на интернет и без лозинка или регистрација.
Поголем дел од податоците се на корисниците на Facebook во САД.
Базата на податоци била креирана од хакери во Виетнам, утврдила компанијата што работела на случајот заедно со независниот експерт Боб Дајаченко. Таа била поставена на интернет 15 дена, а откриена на 14 декември од страна на Дајаченко, кој ги предупреди провајдерите за да ја блокираат.
На 19 декември, контролата покажала дека базата веќе не е достапна. Но, сè уште не е познато колку од личните податоци се нашле во рацете на хакерите.