Нови 100 садници со туи и декоративни дрвца на езерскиот брег на Младост – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/19 4:07 PM

Нови 100 садници со туи и декоративни дрвца на езерскиот брег на Младост

По летниот пожар кој го пеплоса езерскиот брег на велеско Младост, Мисијата на ОБСЕ одобри грант на регионалната пратеничка канцеларија во Велес во висина од илјада евра за купување на садници.  Денеска таму бригадири, акцијаши ветерани и новинари засадија 100 садници со туи и декоративни дрвца.

По половина век на исто место. Пред 50 години како млад бригадир Боре Манев на брегот на велешко Езеро Младост  учествувал  во копање на каналите покрај патот кои води до браната на акумулацијата и во засадувањето на боровата шума. Таму  денеска како акцијаш ветеран, на осумдесет години, засадуваше израснати садници заедно со неговите пријатели од Младинската работна бригада „Кочо Рацин” на ЗГ „Акцијаш ветерани”.

– Пред четири, пет месеци изгоре оваа шума.  Мора да се обновува. Се си има свој век и траење. Така и оваа шума затоа мора од почеток да се почне, гледате и денеска пошумуваме. И ќе пошумувам додека можам. Овде мора да израсне нова шума. И се гордеам што со мене се млади луѓе кои се гаранција дека ќе му го вратиме сјајот на велешко езеро, рече Манев.

Денешната акција за пошумување на Езеро Младост ја организираа пратениците Панче Иванов и Агин Муртезани преку регионалната пратеничка канцеларија која со проект обезбеди 1.000 евра од донаторот Мисија на ОБСЕ во Република Северна Македонија за купување на садници.

– Со колегата Муртезани сме благодарни на Мисијата на ОБСЕ што препознаа приоритет и го доделија грантот за купување на садници. Средствата директно се префрлени на жиро сметката на ЈП „Национални шуми” на кои исто така им благодариме за дадената логистика и расчистувањето на парцелата и што овозможија  денеска да ја реализираме акцијата. Им благодарам и на младите од ЗГ „Акцијаш ветерани” кои ги засадија садниците бидејќи тие најмногу ќе уживаат во благодетот на езерото со израсната шума. Воедно упатуваме порака да се вклучиме сите велешани за ова место повторно да биде „белите дробови на Велес” и култно место како за нас велешани така и за сите добронамерни туристи, домашни и од странство, рече пратеникот Иванов.

Езерото ја има потребната инфраструктура па затоа декоративните садници се засадуваат  покрај пешачките патеки и трим стази.

– Садниците се претходно одгледувани во расадниците на ЈП „Национални шуми”. Едните се вертикални а другите во форма на топки. Тие се школовани и култивирани садници со уверенија за здравствена состојба и им е потребно полевање со голема количина на вода, од цистерни со вода кои единствено ги има ЈКП „Дервен” и најверојатно тие ќе ги полеваат, рече Љубинка Попова раководител на ШС “Бабуна”.

Во денешната акција за засадување на брегот на велешко езеро со нови садници, откако боровите шуми на површина од 200 хектари ги пеплоса пожарот изминатово лето, се вклучија и новинарите од Велес. Сите засадија по една садница, давајќи личен придонес и вклучувајќи се во акцијата „Езеро Младост со шума”.

Убавка Јаневска