ЦИВИЛ: Лажни вести, злоупотреба на граѓански протести и говор на омраза во предизборието – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/19 2:45 PM

ЦИВИЛ: Лажни вести, злоупотреба на граѓански протести и говор на омраза во предизборието

Предизборната кампања почна уште пред 20 октомври, кога партиите се договорија за предвремени парламентарни избори. Таа е жестока во еден дел, исполнета е со говор на омраза, висока продукција на лажни вести и дезинформации кои ги дистрибуираат дури и високи партиски функционери на одредени политички партии, регистрирана е злоупотреба на граѓански иницијативи како и на протести на граѓани особено на тема за заштита на животната средина и на социјалната правда.

Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на граѓанската асоцијација ЦИВИЛ за поважните прашања за предвремените парламентарни избори.

Директорот на ЦИВИЛ Џабир Дерала рече дека организацијата веќе го почнала долгорочното набљудување на терен. Забележале дека е зголемен бројот на инциденти, во изборен контекст, во кои јавниот, како и приватниот имот на одредени поединци бил нападнат, како што е палење возила и уништување на јавното добро и друга јавна опрема.

Според Дерала, тие како организација, и од терен и од извештаите кои ги добиваат, имаат индикации дека овие инциденти имаат политичка позадина и тоа, како што рече, треба да биде сериозен сигнал за институциите да се преземат мерки за да престане ваквото однесување .

– Во врска со активноста на социјалните мрежи од страна на одредени политички партии, во овој период забележуваме дека е интензивирана продукцијата на лажни вести, дезинформации и говор на омраза по етнички, верски и политички основи. Веќе се објавени повеќе од стотина кратки извештаи за лажни вести и дезинформации, како и говор на омраза, кои очигледно се грижливо подготвувани од партиски центри за комуникација, а нивни промотори неретко се и самите функционери на одредени партии. Тоа битно ја нарушува предизборната динамика и политичката култура во земјата и апелираме да престанат ваквите испади во јавноста чии носители се токму функционери, рече Дерала.

Тој оцени дека граѓанското незадоволство на различни теми се злоупотребува во партиски и изборни цели и дел од тие настани се всушност организирани од партиски структури. Во таа насока го спомена протестот на земјоделците, како еден од случаите на инструментализирање на одредени категории граѓани, како и протестите за заштита на животната средина, во кои има инфилтрација на политички партии.

Дерала ги спомена и злоупотребите на децата и младите во партиски цели како алатка на политичка пропаганда, како што се навивачките групи, за кои како што рече, станале дел од партиските машинерии преку кои се промовира омраза и лажни вести.

– Очекуваме кампањата да биде жестока, исполнета со големи ветувања. Имаме очигледен судир на две доктрини, едната е прозападна, другата е происточна и за жал гледаме висок потенцијал за ширење на национализам, па дури и инциденти во претстојниот период, оцени Дерала.

Во врска со промената на изборниот модел во една изборна единица, Дерала рече дека како организација долго време се залагале за промена на изборниот модел, но според препораките на меѓународните фактори и на граѓанските организации, како што истакна, промената на изборниот модел во краток временски период не е препорачливо и бара сериозни реформи во изборниот систем.

Тој вели дека Пржинската Влада пред претходните избори била крајно нефункционална и смета дека ова решение е лошо, исто како и датумот за предвремените избори во април, за кој смета дека нема да биде поволен на политички и економски план, како и за евроинтегративните процеси.