Aлбанскиот парламент, по пвеќечасовна расправа, синоќа го усвои пакетот закони за спречување клевета, кој предвидува високи казни за онлајн медиумите и дополнителни овластувања за државните надзорни агенции.
За пакетот закони гласале 82 пратеника од албанското владејачко мнозинство, против биле 13 пратеници, а десетмина биле воздржани или не гласале.
Со новите законски решенија, Агенцијата за аудовизуелни медиуми добива надлежност да казнува, па дури и да затвора портали доколку оцени дека објавиле клевета или лажни вести.
Пакетот е усвоен и покрај протестите на 15 албански новинарски здруженија и невладини организации, кои го повикаа парламентот да ги отфрли новите закони предложени од Владата, истакнувајќи дека тие ќе ја нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите, а и се во судир со меѓународните принципи.


