Организирање посоодветен начин за собирање ѓубре, поголема заштита на бунарите од кои што градот се снабдува со вода, решавање на проблемот со колекторот во Ново Село, ослободување на тротоарите од автомобили , решавање на проблемот со шахтите и старите азбесни цевки – ова се само некои од проблемите кои беа посочени од граѓаните на Штип, во онлајн анкетата и фокус групите во рамки на проектот „Реагирај на вистинското место“.
„Главна цел на проектот е зголемен ангажман во адресирањето на нивните потреби и потребите на заедницата до локалните институции и локалната власт, со цел нивно ангажирање во решавањето. Потоа со мониторинг ќе се следи реализацијата. Во текот на изминатиот период, во рамките на овој период се спроведе онлајн анкета преку која беа анкетирани вкупно 111 граѓани а беа организирани и три фокус групи со учество на 21 граѓанин. Врз основа на нивните одговори направена е анализа,“рече Весна Крстева од Медиа Плус при презентирањето на анализата.
Денеска граѓаните, претставници од месните заедници, локалната самоуправа и невладниот сектор имаа можност да ја слушнат анализата од направената анкета но и директно да ги посочат своите проблеми пред градоначалникот, Благој Бочварски кој и како документ ги доби посочените барања од граѓаните.
Тој рече дека секогаш се потребни вакви анкети кои даваат насоки за тоа во која насока треба да продолжи општината со нивната работа.
„Да повикаме на совесност и свесност на граѓаните за заштита на животната средина.Ние нашата работа ќе си ја вршиме и ќе сносиме и одговорности за таму каде што можеби и не сме добри но од друга страна мора да има јавна свест. Ние мораме сите заеднички да работиме, од политички чинители, граѓани, медиуми. Јас се носам со таква идеја да направиме поширока акција во која ќе повикаме на граѓанска свест“, рече Бочварски, кој смета дека откако ќе има повисока свест кај граѓаните за заштита на животната средина, тогаш ќе можеме да ги критикуваме сите оние институции кои водат грижа за подобриот живот на граѓаните.
На анкетата граѓаните побораа поголема транспарентност и посочија општината да се потруди да изнајде посоодветен начи на информирање зошто не секој е компјутерски писмен.Како предлог еден од учесниците на Јавниот настан посочи информирањето поинтензивно да се насочи кон Урбаните заедници .
Проектот „Реагирај на вистинското место“, здружението Медиа Плус, го спорведува во соработка со радио Канал 77 и со финансиска поддршка од Фондација отворено општество – Македонија.