Партиите се препукуваат – неготинци ќе собираат потписи за референдум против депонија – – ММС
ММС

Објавено на: 12/18/19 4:56 PM

Партиите се препукуваат – неготинци ќе собираат потписи за референдум против депонија –

Жителите на општина Неготино од утре започнуваат со постапката за собирање на потписи за распишување на референдум,  околу отворањето на депонија за индустриски инертен и неопасен отпад. Потребно е да се соберат 3200 потписи за да биде спроведено референдумско изјаснување.

„ Согласно важечките законски прописи односно Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, предлогот го разгледав и во законски определениот рок го известив овластениот предлагач дека предлогот е уреден. Како претседател на Советот на општина Неготино, како личност и како претставник на политичката партија СДСМ, ги почитувам и поддржувам сите облици на демократско изјаснување на граѓаните на нашата општина, вели претседателот на советот на општина Неготино, Диме Витанов и потенцира дека не постоела можност да биде донесена одлука спротивна на интересите и волјата на жителите на Неготино.

Иницијативата за референдум  ја покрена здружението на граѓани „Ековита“ Неготино,  а е подржана и од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од овој град.

Советничката група од опозицијата денеска праша зошто претседателот на советот сеуште не ја ставал на дневен ред на седница расправата околу депонијата и обвинија за самоволие и непочитување на законот за локална самоуправа, статутот и деловникот за работа на советот.

„До ден денес се оджрани две вонредни седници и оваа точка не е ставена на дневен ред. Бидејќи се сомневаме во прекршување на законот за локална самоуправа ги повикуваме сите надлежни органи да ја проверат законитоста и работата на претседателот на советот на општина Неготино и не дозволат понатамошно самоволно однесување“ вели Петре Манчев, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Деновиве заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули од Кавадарци информираше дека целата постапка околу депонијата за индустриски отпад била на разгледување во Државното правобранителство и дека депонија не може да се отвори преку ноќ, но и дека во целост ќе се почитува одлуката на граѓаните.

Ангел Данов